Со поздравно обраќање, настанот го отвори Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, истакнувајќи ја важноста на инклузивното лидерство за успешна и одржлива енергетска транзиција. На настанот се обрати и министерката Божиновска, која го поздрави стартот на проектот и иницијативата на ЕВН активно да поттикне што поголема вклученост на жените во енергетскиот сектор. Таа истакна дека ваквите проекти се од суштинско значење за создавање порамноправна, поиновативна и поотпорна енергетска иднина.
Претседателката на Надзорниот одбор на ЕВН Македонија, Александра Витман, преку видео обраќање ги поздрави присутните и ја нагласи долгорочната посветеност на ЕВН Групацијата кон родовата еднаквост и разновидност како и поддршката од Надзорниот Одбор на оваа значајна иницијатива. Таа истакна дека искористувањето на различните перспективи и таленти е клучно за градење одржлив енергетски систем, при што жените како вработени и носители на одлукиимаат суштинска улога во успехот на организацијата. Исто така Витман ја подвлече важноста од активна вклученост на сите вработени, со мажите како клучни сојузници во градењето инклузивна и успешна организациска култура.
Проектот ПУЛС беше презентиран од страна на Анета Петровска Русомароски, раководителна Одделот за иновации, одржливост и заштита на животната средина во ЕВН Македонија. Тој опфаќа повеќе меѓусебно поврзани активности, меѓу кои регионални и меѓународни соработки, анализа на родовата рамноправност, менторска програма, инклузивно лидерство, средби со заедницата и создавање мрежа на жени, со цел систематски и долгорочно да се зајакне резилиентноста и учеството на жените во енергетската транзиција.
Настанот заврши со инспиративна и мотивирачка дискусија на тема „Лидерство, искористување на сопствениот потенцијал и врвните перформанси низ професионалните и животни патеки“, во кој учествуваа проф. д-р Сашко Кедев и г-ѓа Анета Петровска-Русомароски. Преку лични и професионални искуства, д-р Кедев – интервентен кардиолог и алпинист – зборуваше за предизвиците, издржливоста, автентичноста, мотивацијата и храброста да се преземат конкретни чекори во животот и кариерата, испраќајќи силна порака за лична и колективна одговорност, истрајност и охрабрување.
Со овој проект, ЕВН Македонија уште еднаш ја потврдува својата заложба да биде активен чинител на позитивни промени, градејќи енергетски сектор во кој еднаквоста е темел за одржлива иднина.






