Целта на проектот е да се поддржи зачувувањето на глобално загрозените видови на царскиот орел (Aquila heliaca, класифициран како ранлив според Меѓународната унија за зачувување на природата) и египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus, класифициран како загрозен според Меѓународната унија за зачувување на природата) преку надградба и обезбедување на ризичните надземни далекуводи во земјите учеснички. Партнерите дополнително ќе соработуваат и со четири компании за дистрибуција на електрична енергија од Турција.
Проектот беше одобрен од Европската комисија меѓу рекордно голем број поднесени предлози (137) во категоријата „Природа и биодиверзитет“. Ќе се имплементира во период од пет години (2025–2030), во 48 важни подрачја за птици и биодиверзитет (IBA/KBA/други национално заштитени подрачја) во Македонија, Бугарија и Турција и 14 заштитени подрачја од мрежата Натура 2000 во Бугарија.
Кај нас, проектот ќе се спроведува во регионите Овче Поле, Градско, Тиквешкиот регион и Демир Капија, кои се клучните области за размножување, миграција и презимување на царскиот орел и египетскиот мршојадец во земјата.
За сите земји учеснички е предвидена изолација од вкупно 17.000 опасни електрични столбови и инсталирање на 2.500 дивертери на надземни водови, со што се покриваат 100 % од националните гнездечки популации на царскиот орел и 80 % на египетскиот мршојадец во трите земји партнери во проектот.

Во Македонија ќе се постават изолатори на 3.000 столбови од дистрибутивната мрежа и 1.000 рефлектирачки уреди (дивертери) на надземни далекуводи.
Во рамки на проектот се предвидени нови технологии за поставување изолатори на столбовите од дистрибутивната мрежа и примена на најсовремени научни пристапи за следење на влијанието на овие мерки за заштита. Методите ќе бидат споделени со меѓународната заедница и реплицирани на други локации по должината на миграциските патишта на овие два глобално загрозени видови.
Сите активности за поставување изолатори на дистрибутивната мрежа за птиците во Македонија, Бугарија и Турција се првенствено наменети за заштита на царските орли и на египетските мршојадци, но ќе имаат влијание и врз многу други видови, односно, сите птици што се размножуваат, мигрираат или зимуваат во рамките на проектните области.
ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво ги поврзуваат техничките и еколошките аспекти за заштита на птиците во државата. Преку вакви заеднички проекти и иницијативи, досега се надградени вкупно 220 индивидуални столбови (15 км изолирана мрежа) за заштита на птиците од струен удар и се поставени гнездечки платформи за белиот штрк, како и куќарки за гнездење на модровраната.






