Во Израел, бројката на македонски државјани кои побарале помош останува непроменета. За дел од нив, односно шест лица, евакуацијата е завршена затоа што одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да се вратат во Скопје, а останатите шест лица во текот на денот се очекува да бидат транспортирани по копнен пат од Израел до Египет, а утре со владиниот авион да бидат вратени дома.
„Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје“, информира Министерството за надворешни работи.
Во Доха, бројката на македонски граѓани кои побарале помош е 136. Истовремено, нашите ДКП-а прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт.
Од Министерството апелираат до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС-бројот на министерството.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата“, се наведува во денешното соопштение.






