Средствата се обезбедени по доставеното барање од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како Национален координатор за Инструментот за реформи и раст, во име на Владата на Македонија, ја достави целокупната документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година). Барањето ги опфаќаше реформите во повеќе области. Во делот управување со јавни финансии беа предвидени законски измени за поефикасно и транспарентно буџетско управување. Во областа енергетика беа воспоставени нови управувачки структури за спроведување на планот за праведна транзиција. Во областа деловна средина беа воведени нови правила за независност во управувањето со државните компании. Во областа владеење на правото беа предвидени мерки за редовно пополнување на позициите на судии и јавни обвинители согласно долгорочните проекции на надлежните совети.
Според оценката на Европската комисија целосно се исполнети два чекори: донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва. Ова претставува 40 проценти реализација на чекорите односно 50 проценти во однос на средствата. За преостанатите чекори, ЕК констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци, до декември 2026 година. Тоа значи дека државата има дополнително време за нивна реализација и ослободување на останатите средства од вкупните алоцирани средства кои се во висина од околу 17,1 милиони евра, соопшти Министерството за европски прашања.






