сабота, 4 април 2026
Интервју со Гоце Цветановски – истражувач и научен соработник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Етимолошки речник на македонскиот јазик – одраз на зрелоста не само на јазикот, туку и на народот што го говори

Ако етимолошкиот речник е критериум за посебноста и автентичноста на созревањето на македонскиот јазик, Македонија од неодамна почна да го исполнува и тој цивилизациски критериум, иако и тој не е наведен во фамозните Копенхашки критериуми за почеток на преговорите со Европската Унија. Излезен е од печат првиот том на Македонскиот етимолошки речник со повеќе од 2.350 зборови од А до Ж, кој го изработи професорот Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Официјалната промоција се подготвува за десетина дена, а професорот Цветановски најавува дека овој проект го замислил како шесттомно издание.

Објавено на

часот

Сподели

Прикaзните се раскажуваат со зборови, но и зборовите имаат свои приказни. И тоа сосема вистинити приказни, кои етимолозите научно ги докажуваат. „Приказните“ за зборовите, обично собрани во научно дело – етимолошки речник, претставува своевидна кулминација во лингвистиката, но уште поважно, таквиот вид речник е одраз на зрелоста не само на јазикот, туку и на народот што го говори, на неговата култура, на државата и општеството што тој народ ги има изградено.

Македонскиот етимолошки речник е интересен зашто го воведува читателот  во историјата на зборот и му дава можности да согледа на еден поинаков начин како се движел развојот, потеклото или патот по кој еден збор дошол во јазикот. Или научно-популарно да кажеме дека етимологијата ги изучува  ‘приказни за зборовите’. Секој збор има своја приказна, а со тоа и самиот македонски јазик нуди навистина интересна приказна, во која го покажува својот сопствен пат. Секој јазик си има свој пат, но и македонскиот јазик овде покажува дека има сопствена историја, дека има развој и еве преку овој Етимолошки речник може да се согледаат ваквите патишта “, ја објаснува Цветановски суштината на својот обемен научен труд, колку што е можно поедноставно.

Научната вредност на Македонскиот етимолошки речник (МЕР) е еден аспект на самото дело, која треба да се потврди низ времето, практиката и во научната теорија. Но, се чини дека појавата на МЕР не може да го избегне политичкиот контекст, со оглед дека излегува во време Македонија како држава, и нејзините атрибути на автентична нација, јазик и култура се (гео)политички оспорувани и тоа преку меѓународно правни договори, како Преспанскиот договор до Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, а преку нив и во документите на ЕУ. Дали во таков политички контекст, МЕР се појавува како уште еден научен аргумент за автентичната посебност и потекло на македонскиот јазик, како нераскинлив атрибут на македонското национално постоење? Односно дали МЕР е проект од национална категорија?

– Овој речник, односно овој проект мора да биде третиран како врвен национален приоритет. Не само поради тоа што македонскиот јазик нема свој етимолошки речник, туку поради политичките односи и констелации на Балканот, а тоа се одразува и пошироко. Без ваквиот вид национални проекти, ние навистина ќе бидеме како без оружје, ќе немаме аргументи со кои ќе можеме да се спротивставиме на тие што ја негираат нашата самобитност. На овој начин, аргументирано покажуваме дека македонскиот јазик има безброј докази, а меѓу другото тоа се согледува преку научната работа. Секако дека врвен национален приориет треба да претставува Етимолошкиот речник на македонскиот јазик. За среќа, минатата година, од страна на Министерството за образование и наука и министерката Весна Јаневска, беше објавен конкурс, во врска со националните, јавните научни установи. На тој конкурс, имаше анонимни рецензенти, коишто Етимолошкиот речник на македонскиот јазик го оценија врвно, според сите највисоки критериуми и така МЕР стана препознат како проект од национална категорија, но и поддржан финансиски од МОН.

Секако е за поздравување тоа што е издаден првиот том на Македонскиот етимолошки речник. Но некако „копка“ прашањето зошто Македонија е последната држава во балканското опкружување, а можеби и во Европа, што почнува со издавање на етимолошки речник на својот државен јазик, кој несомнено има многу подолга историја од државноста?

– Ова што се случува во врска со етимологијата во светски рамки, е нешто што покажува зрелост на едно општество. За да созрее општеството, е еден процес како растење дете. Тоа значи дека треба да ги помине сите фази во развојот, како што се случува со нашиот народ, но и со нашиот јазик. Созревањето оди постепено и истражувањата одат постепено. Од кодификацијата на македонскиот јазик, тој почнува да функционира со сите атрибути на државен јазик. Тоа значи, помош од страна на државата во однос на заштитата на јазикот, симболично кажано – како војска со сите родови, која ги чува идентитетот и интегритетот на народот и јазикот. Зошто ние имаме проблеми со минатото? Проблемите не се околу постоењето. Ние егзистираме, постоиме! Тоа е факт, неспорен факт. Никој не може да рече дека на овој простор не постојат луѓе кои се идентификуваат себеси како Македонци. Но проблемот е, што во минатото ние не сме имале можност сето тоа да си го чуваме на сопствен начин. За споредба со актуелната сегашност – некој ни го брани небото! Вистински ли ќе ни го брани? Не може никој подобро од нас да си го одбрани! Е бидејќи сме немале можности, поради општествено-историските околности порано да формираме држава, токму затоа и се појавуваат овие спорови на Балканот, каде што тенденцијата за националистички тези и ден денес преовладува. За разлика од современиот западен европски свет, каде што војувале и повеќе од сто години, но нашле заеднички јазик за да одат напред. Да ги земеме за пример скандинавските земји, каде што меѓу себе војувале кралствата Шведска и Данска со векови, но сега се први сојузници и пријатели, затоа што сфатиле дека само така треба и може да се оди напред. За жал, Балканот е едно подрачје, каде што таа романтична или романтичарска нишка се влече многу одамна, со оглед на тоа што самото подрачје поседува богата историја. И во таа историја не треба да биде доминантен само еден, како што сега е случајот и сака во светот да се претстави дека тоа е елинската култура, т.е. дека директни наследници на елинската култура се само Грците. Туку треба да се имаат предвид сите балкански народи, зашто тоа е еден вид слоевитост на културата, т.е. културното наследство. Секој со нешто придонел во развојот на цивилизацијата – и не само на Балканот, туку и во светски рамки.

Ако се погледне вака светот, тогаш можеме да сфатиме дека ние на Балканот имаме многу вредности, за разлика од другите подрачја. И наместо да се обединиме, да ги сфатиме предностите, секој од нас – и поедничено, но и групно како народи, како колективи – тогаш ќе доживееме процвет во светски рамки, ние упорно се враќаме наназад и ги копаме тие стари теми, се вкопуваме во ровови, не попуштаме за ништо – и ете го проблемот!

Она што се случува со македонската епопеја е посебен проблем, со оглед на тоа што сме оспорувани од сите страни. А факт е дека македонскиот народ постоел, постои и ќе постоти. И неговиот јазик исто така – постоел, постои и ќе постои. Има илјадници примери со коишто може да се докаже тезата за различноста на македонскиот јазик и неговиот исторски континуитет. Македонскиот јазик има свој простор и свое време на создавање на својата посебност, како што и сите други јазици. Тоа што се кодификувал подоцна, не значи дека е во порурална, порудиментална форма. Тој е исто така развиен, како сите јазици. Но немал „своја војска, своја армија“ ( така да се изразам), за да може да се брани, да се чува, како што тоа го направиле балканските народи по Балканските војни.

Сепак, од кодификацијата на македонскиот јазик поминати се осумдесетина години, а од Македонија како незавизна држава 35 години. Немавме ли порано услови за ваков етимолошки речник?

– Етимологијата како наука во Македонија сепак е на почеток и е предизвик да се постават добри основи за да може понатаму да се развива. Една од задачите беше да се направи концепција и методологија за Етимолошкиот речник.

Вакви идеи се појавувале и во осумдесеттите години од минатиот век, кога академик Петар Илиевски се обидел да направи тим со кој би работел на овој етимолошки речник. Но, за жал не се успеало. Такви обиди имаше и во 2013 година, од страна на Институтот за македонски јазик и МАНУ, но сето тоа остана само на хартија и никој не се нафати сериозно да се посвети на ова поле. Во 2022 година, со одлука на Советот на ИМЈ бев избран за главен истражувач, раководител на проектот Етимолошки речпник на македонскиот јазик и веднаш темелно се зафатив со поставување на концепцијата и методологија. Со оглед на тоа што е поминато многу време од осамостојувањето на Македонија, мислев дека е најдобро, за да ги стигнеме другите народи и јазици треба на „брза лента“ да се постави еден речник, којшто ќе биде научно-популарен, а тоа е Македонскиот етимолошки речник (МЕР), наспроти тезаурусниот, што подразбира сеопфатен етимолошки речник на македонскиот јазик.

Тоа е макотрпна работа и бара деноноќно работење. Но претходно мора да постои подготовка. Ништо не бива преку ноќ. Ова сепак не е дело што се изгради за шест месеци. Тоа е утопија, залажување. Ова е проект којшто со години тлеел во мене, но како што се создавале условите, јас постојано сум го проширувал мојот видокруг, постојано сум се надградувал. Тезите постоеле, материјалот повремено се собирал, се додека не се создала целосна потреба за обработка на еден ваков речник. Последната интензивна фаза траеше три и пол години, во коишто макотрпно се работеше, буквално од утро до мрак. За понатаму, додека се работи овој речник, за наредните томови, во меѓувреме ќе мора да се обучат повеќе луѓе. Во проектот се вклучени и повозрасни генерации научници, но и помлади генерации, научници од различни области: од историјата на македонскиот јазик, од дијалектологијата, од современиот аспект… Вклучени се и романисти, германисти, класичари и уште многу луѓе, коишто треба да помогнат во креирањето на тој тезаурусен речник. Изработката на концепцијата и методологијата на тезаурусниот речник е во тек. Се планира оваа година да се формира тимот, да се создаде индексот којшто треба да биде сеопфатен. Всушност ќе се потрудиме да го опфатиме максималниот корпус на зборови. Јас како главен истражувач работам, за кога ќе дојде времето пред тимот да покажам еден индекс којшто ќе биде првичен. Досега, само за буквата А, се предвидени 900 збора. Тезаурусниот речник ќе биде капитално дело што ќе ги надмине границите на мојот живот, не само професионален. За негова целосна изработка ќе бидат потребни генерации научници, но целта е да се обучи кадар, којшто ќе продолжи да работи со исто темпо и ист ентузијазам. Но и тој кадар да создава нов кадар, и така да се создаде една македонска етимолошка школа или традиција.  

Вашата професионална биографија е исполнета со работа на проекти како Толковниот речник на македонскиот јазик, Македонскиот дијалектен атлас, го имате изработено првиот Македонско – словачки речник, а сте учествувале и во изработката на првиот современ македонско – грчки речник, кој имал официјална промоција во Брисел. Но вашите магистерски и докторски труд се од областа на македонската дијалектологија, а сте работеле на проекти поврзани со македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија. Освен научен предизвик, овие проекти се чини дека биле и со значителен политички предизвик?

– Истражувањата надвор од границите на Македонија се предвидени во неколку фази. Првата фаза требаше да биде истражување на македонските говори во Пиринскиот дел на Македонија, односно денешна Република Бугарија. Втората фаза требаше да биде – истражување на егејските говори, односно денешна Република Грција. Овие истражувања се со исклучителни предизвици, односно многу е тешко да се спроведат теренски. Имам такви епизоди при истражувањето на Банскиот говор, затоа што лично одев на терен, сам го собирав материјалот. Наидував на различни пречки од административна, па и политичка природа од страна на бугарските власти. Нагласувам дека немав никакви пречки од народот. Различни се државната апаратура и народот. Со оглед на тоа што голем број од тамошното население се чувствуваа како Македонци, беа гостопримливи, нѐ прифатија, работевме долго и на крајот на краиштата – по собраниот материјал следува една долга фаза на ексцепција („симнување“) на тој аудиматеријал во текстуална форма, што е долг сложен процес, а дури потоа следува лингвистичката анализа на материјалот.

Докторската дисертација исто така ми е посветена на говор надвор од границите на Република Македонија, а тоа е Западнопреспанскиот говор, или познат како говорот на Македонците од Мала Преспа. Сега е доведено во прашање, продолжувањето на овој мој проект, односно проект на Институтот за македонски јазик, на којшто сум раководител. Тоа е проект суштински поддржан од државата и сега е под знак прашалник дали може да продолжи, со оглед дека веќе имаме меѓународни договори коишто спречуваат да се истражуваат македонските дијалекти надвор од постојните граници на Република Македонија. Тоа е навистина клучно прашање. Сметам дека проектот секако треба да продолжи, зашто ако не беа запишани овие мои монографии, голем дел од тие говори немаше да видат „бело видело“, во смисла на научна анализа.

Се говорат ли активно тие македонски говори надвор од границите на Република Македонија?

– Час поскоро треба да се направи сеопфатна теренска истражувачка анализа, зашто секој ден се губи по еден говорител. Ако го земеме предвид бугарскиот јазик, којшто е сроден со македонскиот јазик, луѓето коишто мораат да живеат во таа средина, мораат да се вклопат во општествениот систем на таа држава. Буквално мораат да го познаваат бугарскиот стандарден јазик и полека го забораваат својот мајчин дијалект. На тој начин се доближуваат до бугарското ткиво, и изумира дијалектот и со самото тоа Македонецот во нив. Тоа не е само прашање на јазик, туку прашање на егзистенција на македонското ткиво. Тоа е посложено прашање, посложен феномен – не само јазичен, туку и културолошки феномен како се прави асимилација. И тоа целосна асимилација, на која е некој принуден за да може да најде соодветно работно место мора да го познава исклучиво државниот јазик. Тогаш тој се откажува од тоа што е, за да се вклопи во општеството. Тоа се егзистенцијално-правни проблеми. Мислам дека клучот на овие прашања лежи во тоа што нашата држава требаше многу порано да се активира, да го собере целиот јазичен материјал, да се направат научни анализи, да излезат монографии и на тој начин ќе оставевме трајно сведоштво дека таму постоел Македонецот!

Каква е состојбата со македонскиот дијалекти во Грција, со оглед на целосната негација на македонското постоење таму, со децении, како државна политика, па дури и сега, и покрај Преспанскиот договор?

– Во Грција исто така е сложена ситуацијата, со оглед на тоа што исто така голем број зборувачи на македонските дијалекти се принудени од страна на државата да го познаваат грчкиот јазик и да го владеат како свој мајчин јазик. На тој начин, генерациите што доаѓаат, веќе третата-четвртата генерација го забораваат комплетно својот мајчин јазик и дијалект и се вклопуваат уште од најмали години во тој образовен систем. Целиот образовен процес се спроведува на официјалниот јазик, така што можноста за комуникација на сопствениот мајчин дијалект е сведена на минимум, освен во тесен круг на семејството, каде што има голем број пречки. Таму ситуацијата секако не е блескава.

За разлика од нив, мала надеж имаше во Република Албанија, каде што Македонците имаат своја општина во регионот наречен Мала Преспа, иако таа општина е на брегот на големото Преспанско Езеро. Сепак, во мојата докторска дисертација објаснувам дека овој македонски говор е од западнопреспански вид и се говори од жителите покрај големото Преспанско Езеро.

За жал, на тој начин, ние како Македонија, односно македонскиот јазик го изгуби горанскиот говор во Косово. Така што, полека, она што требало да биде грижа за малцинствата, ние тоа не го правиме баш најдобро. Но тука, научниците не можат ништо, ако не се вклучи државата и државниот апарат.

Јасминка Павловска

Етимологијата на зборот „бран“

Бран – Не случајно, Блаже Конески со својата интуитивност предвидел во македонскиот јазик да се земе зборот „бран“, иако постојат и други зборови и во дијалектите, но и во словенскиот свет, коишто ја означуваат оваа појава. Конески некако интуитивно чувствувал дека зад овој збор се крие нешто подлабоко, некоја етимологија која е поврзана исклучиво со ова подрачје, со овој терен од македонскиот јазик. Многумина етимолози досега се обидувале да го објаснат „бран“, етимолошки, но не се нашол таков што го објаснил овој збор.  Тоа е дијалектно ограничен збор, кој се наоѓа само на Охридско-Преспанскиот Регион и мал дел во Кратовско-Злетовскиот Регион. Ваквите ареални показатели покажуваат дека се работи за една специфична лексема. Мојата етимологија, односно сето она што го истражував во врска со „бранот“, како збор, докажува дека го има само во македонскиот јазик. За разлика од македонскиот јазик, во другите јазици со словенски корен оваа природна појава е нарекувања „вална“, во рускиот јазик, „вал“ – српско-хрватски, но имаме и „талас“ и „далга“ (еден грцизам и еден турцизам). Во македонските дијалекти постојат сите овие зборови, но не случајно Блаже Конески се одлучил за „бран“. Кога подлабоко почнав да истражувам, увидов зошто тоа го направил. Тој интуитивно чувствувал дека станува збор за еден многу стар супстратен слој и дека тој треба да се промовира на македонската јазична почва.

Ако се исклучи претпоставката дека е од прасловенско потекло, тогаш со оглед дека нема паралели ниту во словенските, ниту во балканските несловенски јазици, останува претпоставката дека е веројатно во прашање стара заемка, можеби уште од келтско потекло или стара ономатопеја од балканскиот супстрат.

Во келтската митологија, богот на морето е Лир, а самиот збор веројатно означува „море“. Во велшката литература е опишан како „Лир и лидијат“, што значи „лир на заборавениот јазик“, а во таа верзија имал жена Ирска. Со неа имал две деца, ќерката Бранве и синот Бран. Според легендата Бран патувал низ морињата и кога пристигнал во еден женски остров, таму господарката на островот му забранила да си оди и му рекла доколку одлучи да си замине, тој и неговите луѓе на првото стапнување на копно ќе бидат ничкосани. Бран не ја послушал и си тргнал дома. Кога првиот негов човек стапнал на копно, веднаш се спружил. Оттогаш Бран бил проколнат вечно да талка низ морето. И брановите всушност вечно талкаат по водените површини. Како заштитен симбол на Бран се смета гавранот, што се изведува од пракелтското „брано“ (гавран, врана), а споредбата со прасловенското „борно“, сепак од формална гледна точка не е прифатлива. Промената „вр“ во „бр“ би била неправилна, и затоа е подобро да се третира пракелтското „брано“ како заемка од некој непознат извор.

Ако се имаат предвид сите овие факти, тогаш можеби македонското „бран“ е остаток од некој јазик на старите народи кои живееле покрај брегот на Охридското Езеро, а тоа го потврдува ареалната дистрибуција – покажува дека токму од овие македонски говори произлегува значењето „издигнат дел водена маса што се движи“, а кој преживеал благодарение на прасловенското „борн“, односно црковнословенското „бран“ можеби станува збор за два етимона, кои формално се поклопиле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ