Како што соопшти МЈА, зголемувањето на платата на административните службеници ќе биде до 40 проценти и ќе се реализира во три фази, од март 2026 до март 2028 година.
МЈА во соопштение нагласува дека се прави значаен чекор кон унапредување на статусот на вработените и зајакнување на социјалниот дијалог во институцијата и дека со овој договор дополнително се уредуваат правата, обврските и работниот статус на вработените, како и условите за работа, со што се обезбедува поголема сигурност, подобра заштита на работничките права и појасна рамка за функционирање на институцијата.
„Министерот Минчев истакна дека потпишувањето на колективниот договор претставува важен чекор кон подобрување на статусот на вработените и создавање стабилна, професионална и мотивирана јавна администрација. Министерството за јавна администрација со овој чин ја потврдува својата заложба за градење современа, ефикасна и правично организирана јавна администрација, во која се создаваат подобри услови за професионален развој, институционална стабилност и долгорочна мотивација на вработените“, информира Министерството за јавна администрација.






