Како што дознаваме, меѓу пријавените се и поранешните премиери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи и тогашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. Според првиот човек на ЕСМ Лазо Узунчев, овие луѓе не ги штителе интересите на компанијата и на државата, а поради тоа ЕСМ месечно непотребно плаќала над 250 илјади евра за неупотребливиот капацитет.
Согласно член 353 од Кривичниот законик тие несовесно постапувале и не ги штителе интересите на компанијата и на државата и досегашната штета изнесува над 5 милиони евра.
Од претходната Влада реагираа дека проектот бил дел од регионално стратешко снабдување со гас, со вклученост на Србија и Бугарија и дека тука нема ништо спорно.
Македонија требаше да стане еден од сопствениците на терминалот во Александрополис и да учествува со 10 проценти.
Во образложението за кривичаната пријава пишува дека државата плаќала закуп за дел од терминалот без можност тој да биде користен.
Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александрополис почна да работи на 1 октомври 2024 година. Преку него со гас треба да се снабдуваат неколку земји од Југоисточна и Централна Европа, меѓу кои и Македонија.
Терминалот почна да се гради кон крајот на март 2021 година. Од тогашната македонска Влада тогаш беше соопштено дека согласно договорот Македонија учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александрополис која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра и дека е предвидено учество и со 10 проценти од вкупната вредност.