четврток, 26 февруари 2026

ЕСЧП за случајот „Кочан против Македонија“ – нов заплет или излез во борбата со корупцијата и организираниот криминал

На почетокот на месецов, Европскиот суд за човекови права во Стразбур официјално се обратил до македонската влада во врска со апликацијата на бизнисменот Сеад Кочан, отворајќи правни прашања за користењето на прислушувани разговори како докази во кривична постапка која заврши со правосилна пресуда, со која тој беше осуден на казна затвор во траење од 4 години и 8 месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Случајот „Кочан против Македонија“ се однесува на апликација доставена од бизнисменот Сеад Кочан до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде тој тврди дека му било прекршено правото на правично судење (член 6 од Европската конвенција за човекови права) во кривичната постапка позната како предметот „Труст“.

Судот од Стразбур според информациите го става под лупа суштинското прашање дали судењето во предметот „Труст“ било фер, со фокус на тоа дали пресудата била заснована на докази добиени преку незаконско прислушување.

Клучните прашања на ЕСЧП се дали прислушуваните материјали биле добиени и користени на начин што ја нарушува правичноста на судењето. Односно, дали постапката и конечната пресуда ја задоволуваат правната рамка на член 6 од Европската конвенција за човекови права.

Во комуникацијата со Владата во Скопје, Стразбур нагласува дека предметот се однесува на кривичната постапка против апликантот Сеад Кочан, во која тој бил осуден за злоупотреба на постапката за јавна набавка, при што обвинението, меѓу другото, се потпирало и на аудиоснимки од пресретнати разговори.

Дополнително, Стразбур бара од Владата да се изјасни и дали биле почитувани принципите на контрадикторност и еднаквост на оружјата, односно дали одбраната имала реална можност да се запознае со доказите и да ја оспори нивната автентичност. Судот експлицитно ја проблематизира ситуацијата во која одбраната не ги добила аудиоснимките на носач на податоци, туку само нивни транскрипти, што отвора сериозни дилеми за можноста за ефективна експертска анализа на доказите.

Овие аудиоматеријали биле користени како доказ во постапката и биле дел од доказниот корпус врз кој судовите ја темелеле пресудата.

Кочан беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предмет „Труст“ за злоупотреба на постапката за јавни набавки, каде дел од доказите беа аудиоснимки од пресретнати разговори.

Суштината на спорот пред Стразбур се врти околу тоа дали употребата на овие прислушкувани материјали како доказ во постапката претставува повреда на неговото право на фер судење. Кочан тврди дека снимките биле прибавени без судска наредба или законска основа, што, според него, ги прави незаконски.  Судот во Стразбур во февруари 2026 официјално ги поставил овие прашања до македонската влада, барајќи објаснување за легитимноста на постапката и докази.

Судот во Стразбур – надеж за пораст довербата на македонското правосудство?

За да биде јасен статусот на овој процес, треба да се нагласи дека ова не е конечна одлука на Судот во Стразбур, туку комуникација со државата што значи дека ЕСЧП ја проучува апликацијата и бара аргументи и од едната, и од другата страна.

Прифаќањето на ЕСЧП да работи на апликацијата од адвокатите на Сеад Кочан, во македонската (правна) јавност во извесен степен беше дочекано како вклучување на европското правосудство во исправање на “неправдите и сомнежите во довербата“ на македонското правосудство. Голем компромитирачки момент за јавноста во Македонија, за случајот „Кочан против Македонија“ е што тој во македонскиот правосуден систем влезе како предмет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), коешто уште во времето на своето постоење и функционирање, со своите надлежности и начин на работа беше на „работ“ на Уставот и законот. По искажаниот интерес на ЕСЧП, случајот добива  своевидна димензија на „споредбен пример“, или надеж за враќање на правдата во македонското правосудство, особено по дебаклот и пропаста на СЈО.

Надежта е дека конечната одлука на Европскиот суд во врска со апликацијата на Сеад Кочан ќе има потенцијално значајни импликации не само за конкретниот предмет „Труст“, туку и за целокупната судска пракса во Македонија во однос на користењето на прислушувани разговори како докази, особено во случаи каде нивното потекло, автентичност и процесна употреба се предмет на сериозни правни спорови. Ова може да има значајни имликации и врз предметот „Титаник“, во кој стотици нелегални снимки смс-пораки се користени како докази, на истиот начин.

Во случајот „Труст“, пак, евентуалната пресуда на Судот за човекови права во полза на Сеад Кочан ќе има страшни финансиски последици, зашто со пресудата од македонските судови, имотот на компанијата „Трансмет“ е конфискуван и во голем дел растурен.

Сепак, Маргарита Цаца Николовска, поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права, ваквите надежи ги става во реални рамки.

„Испратените прашања до Владата од ЕСЧП за случајот Кочан, значи само дека предметот е земен во работа, односно дека апликацијата е прифатена и се постапува по неа. Одговорите што ќе ги добие судот од Стразбур, потоа ги испраќа до апликаннтот, т.е. до застапникот на тужителот. ЕСЧП внимава на тоа контрадикторноста на постапката да биде испочитувана, односно целиот процес да биде транспарентен за сите страни во постапката. Секоја одлука на судот во Стразбур е обврзувачка, но во овој случај, колку што разбрав се одлучува дали Кочан имал фер судење, а конфискацијата воопшто не е во фокусот на предметот на ЕСЧП. Станува збор за вообичаена процедура на Европскиот суд за човекови права“, вели судијката Цаца-Николовска.

Една од опциите е ако се утврди повреда на правото на правично судење според член 6 од Европската конвенција, тоа би значело и повторување на целата судска постапка.

Не постои можност за поистоветување на постапките

Една од опциите е ако се утврди повреда на правото на правично судење според член 6 од Европската конвенција, тоа би значело и повторување на целата судска постапка. Ако ЕСЧП утврди дека е повредено правото на фер судење, постапката „Труст“ може да биде повторена или променета но во рамките на македонското правосудство.

Но покрај правниот исход, во дел од јавноста амбициите се да се отвори широка дискусија за употребата на прислушувани материјали во македонско судство, па дури и да има влијание и за други предмети што користеле слични докази (на пример, предмети како „Титаник“, според дел од медиумските анализи).

Поранешниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев сепак оценува дека одлуката од овој македонски случај во ЕСЧП се однесува исклучиво за тој конкретен случај, а менувањето на праксата во македонското правосудство и враќањето на довербата е предизвик за македонскиот правен систем.

„Неизвесно е кога ќе се случи крајниот исход на предметите што ги прифаќа ЕСЧП. Но она што треба да се очекува е исклучиво само правен исход за конкретниот случај. Зашто во принцип различни предмети тешко може да се поистоветат. Само можат да претпоставам дека за овој конкретен случај на Кочан против Македонија, ЕСЧП ќе констатира повреда во судскиот процес, која нема да повлече укинување на пресудата у повторно судење. Ако сепак дојде до ново судење, тогаш треба да се применат новите прописи од Кривичниот законик, според кој делото можеби веќе е и застарено. А застарување на делото се пресметува двојно изминато време од запретената казна, сметајќи од времето кога е извршено делото. Сепак, каква и да е одлуката на ЕСЧП, ќе треба да ја спроведе судот кој последен донел пресуда. Во секој случај, одлуката на ЕСЧП би се однесувала на конкретниот случај, додека менувањето на праксата во македонското правосудство и враќањето на довербата е предизвик за македонскиот правен систем“, смета судијата Дане Илиев.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур е независен меѓународен суд кој ги контролира правата загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Кога се забележани можни повреди на таа конвенција, тој може да донесе правносилни пресуди, обврзувачки за државите членки на Советот на Европа.

Ј.П.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ