недела, 1 март 2026

Елитната воена единица „Волци“ денеска одбележува 32 години постоење (ВИДЕО)

На 1 март се одбележува Денот на специјалната единица „Волци“, една од најелитните формации во рамките на македонската армија, која повеќе од три децении претставува симбол на храброст, професионализам и врвна подготвеност.

Објавено на

часот

Сподели

„Волците“ биле формирани на 1 март 1994 година како Единица за специјални намени (6. одред), со што за првпат во македонската армија се создава специјализирана формација способна да изведува сложени и високоризични операции. Со нивното формирање започнува процесот на професионализација на армијата, воведувајќи современи стандарди за специјални операции и воспоставувајќи основа за понатамошното развивање на елитни единици.

Во текот на своето постоење, единицата поминува низ повеќе трансформации и модернизации. Во 1998 година се воспоставува првата тимска структура и се врши преименување, а во 2001 година „Волците“ стануваат дел од Единицата за борба против тероризам. Со формирањето на Командата за специјални единици тие стануваат составен дел како одред, а во 2003 година се преструктуираат во баталјон за специјални намени, кој и денес е препознатлив по својата експертиза.

Од самиот почеток, селекцијата на припадниците се одвива според строги критериуми. Се бара висок степен на психофизичка подготвеност, дисциплина и издржливост, што важи подеднакво и за професионалните војници и за старешините. Овој пристап обезбедува највисок квалитет на кадарот и ја гарантира оперативната способност на единицата.

„Волците“ имаат богато искуство од домашни и меѓународни обуки и вежби. Меѓу позначајните активности се учествата на меѓународни воени вежби како „Јадрански орел“, „Македонски Блесок“ и „Спасител 98“, како и заеднички операции со вооружените сили на САД, Турција, Швајцарија, Албанија и Грција. Единицата развива способности во алпинизам, падобранство, нуркање и командо операции, што ја прави една од најподготвените во регионот.

Баталјонот за специјални намени активно учествува и во мировни мисии надвор од државата, со ангажман во Ирак, Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина. За својата посветеност и професионализам, припадниците се добитници на бројни пофалници, медали и признанија. Особено значајно признание е доделено во 2005 година, кога со указ на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, баталјонот е одликуван со Орден за воени заслуги – прв ваков орден доделен во државата, за исклучителна храброст и истакната служба.

Денес, „Волците“ остануваат препознатлив симбол на елитата во македонската армија, единица која ја гради својата репутација врз дисциплина, посветеност и непоколеблива служба кон татковината. Тие продолжуваат да бидат пример за новите генерации, демонстрирајќи како храброста, професионализмот и силната волја можат да се комбинираат во служба на државата и нејзината безбедност.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на фајсбук објави видео во кое порача дека 1 март не е ден само да се одбележи датум, туку ден за одбележување на стандард, стандард на извонредност, дисциплина и подготвеност кои специјалната единица „Волци“ го поставува повеќе од три децении.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ