Е-трговијата во земјава продолжува да бележи силен и континуиран раст, потврдувајќи дека онлајн купувањето сè повеќе станува дел од секојдневието на граѓаните. Во текот на 2025 година биле реализирани онлајн трансакции во вкупна вредност од 950 милиони евра, што претставува значителен пораст од 32 проценти во однос на претходната година. Овие податоци беа презентирани на Годишното собрание на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ).
Според претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска-Станков, ваквиот раст е јасен показател за зголемената доверба кај потрошувачите во онлајн купувањето, но и резултат на проширената понуда и напредокот во дигиталните начини на плаќање. Таа истакна дека позитивниот тренд треба да биде дополнителен мотив за унапредување на условите и поддршка на понатамошниот развој на секторот.
На настанот се обрати и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, која ја нагласи улогата на институционалната поддршка и дигиталната трансформација во градењето модерна и конкурентна економија. Таа посочи дека дигитализацијата на фискалните процеси е клучна за создавање фер и транспарентен пазар, како и за намалување на сивата економија и зајакнување на довербата кај потрошувачите.
Од АЕТСМ информираа дека на Собранието било најавено и деветтото издание на регионалната конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет, со очекувано присуство на повеќе од 900 учесници од регионот на Западен Балкан.
Дополнително, беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место (ГЕА), која функционира како подружница на АЕТСМ. Во текот на 2025 година биле реализирани бројни иницијативи насочени кон унапредување на родовата еднаквост, а за 2026 година е најавено и петтото јубилејно издание на конференцијата EqualXchange, што ќе се одржи на 19 мај.





