Во текот на 2025 година, дискриминацијата останува сериозен и широко распространет проблем во земјата, покажуваат податоците од Годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Статистиката открива дека граѓаните сè почесто бараат заштита, но и дека системот се соочува со предизвици во постапувањето по сите пријави.
Комисијата во текот на годината работела на вкупно 559 предмети, од кои 448 се новоотворени, а 111 се пренесени од 2024 година. Од новите случаи, дури 444 се претставки поднесени од граѓани и организации, додека само четири постапки се поведени по службена должност, што укажува дека иницијативата најчесто доаѓа од самите жртви на дискриминација.
Етничката припадност и работното место, најризични зони
Анализата на основите за дискриминација покажува дека најголем број претставки се однесуваат на национална или етничка припадност (22 отсто), што ја става оваа категорија на врвот на листата. Веднаш зад неа следуваат, политичко уверување (18 отсто), лично својство и општествен статус (17 отсто), образование (11 отсто), пол (10 отсто), род (8 отсто), здравствена состојба (8 отсто) и попреченост и возраст по пет отсто.
Од КСЗД велат дека овие податоци укажуваат дека дискриминацијата не е ограничена на една сфера, туку се јавува во повеќе облици, често поврзани со идентитетот, социјалниот статус и пристапот до ресурси.
Според извештајот, жените почесто пријавуваат дискриминација врз основа на пол, род, образование и возраст, додека мажите доминираат кај пријавите за етничка припадност, политичко уверување и имотен статус.
Најголем дел од пријавите, дури 52 отсто, се однесуваат на дискриминација во областа на работата и работните односи. Ова укажува дека токму економската сфера е најкритична кога станува збор за нееднаквост. Покрај тоа, претставки се поднесени и во образование, наука и спорт (11 отсто), пристап до добра и услуги (10 отсто), медиуми и јавно информирање (10 отсто), социјална сигурност и здравство и правосудство и управа со по шест отсто, други области (пет отсто), членување во организации (четири отсто) и домување и култура со по два отсто.
„Во 2025 година најчесто дискриминирале државните институции во кои предничат министерствата, општините и јавните установи од областа на образованието. Позитивно е што има намалување на случаите на дискриминација во приватниот сектор и вознамирувањето на социјалните мрежи и медиумите генерално“, вели членот на КСЗД, Игор Јадровски.

Како што објаснуваат од КСЗД, ова покажува дека дискриминацијата продира во речиси сите сегменти од општеството, од работа и образование, до здравство и домување.
Повеќе од половина случаи завршиле без отворање постапка
До крајот на 2025 година, КСЗД донела 359 одлуки. Од нив 151 или 42 отсто се мислења по спроведена постапка, 208 односно 58 отсто се отфрлени претставки или запрени постапки. Најчеста причина за непостапување била неуредност на поднесокот или недостаток на надлежност. И покрај тоа, велат од Комисијата, подносителите на претставките биле упатувано во надлежните институции за остварување на нивните права. Според членот на КСЗД, Игор Јадровски, најзагрижувачки е што најчеста е етничката дискриминација, најмногу се случува на работа и најчесто е во јавниот сектор.
„Имаме благ пораст на отфрлени претставки поради ненадлежност на комисијата. Тоа е загрижувачки, затоа што колку подолго работи комисијата толку повеќе се очекува граѓаните да знаат каква правна заштита може да побараат, имајќи предвид дека има зголемен број на граѓани кои побарале заштита за која ние не сме надлежни. Тоа значи дека КСЗД треба да има повеќе проактивна улога“, вели Јадровски.
Според извештајот за работа на КСЗД во 2025 година, во секој трет случај била утврдена дискриминација. Од 151 случај каде е водена постапка во 56 случаи или 37 отсто е утврдена дискриминација, а во 95 случаи односно 63 отсто не е утврдена дискриминација.
Најчеста основа за утврдена дискриминација повторно е етничката припадност (29 отсто), што ја потврдува оваа основа како доминантен проблем. Следуваат, пол, попреченост, лично својство и општествен статус, род и политичко уверување.
Државните институции со најмногу прекршувања
Податоците од Извештајот покажуваат дека 68 отсто од утврдените случаи се во јавниот сектор (државните институции), 20 отсто во приватниот сектор, 13 отсто во медиумите и на социјални мрежи.
Податоците од извештајот покажуваат двојна слика, од една страна граѓаните сè почесто пријавуваат дискриминација, од друга пак, проблемот останува широко распространет.
„Искуствата се различни. Некои министерства постапуваат многу понаврмено по нашите препораки, додека други не постапуваат според соодветното темпо. Исто е и кај општините. Сме имале средби, состаноци, на пример со министерствата за образование и за правда или со Јавното обвинителство на кои сме објаснувале што е дискриминација и кои чекори можат да ги прземат во насока на промена на законите што ја третираат дискриминацијата. Ова се примери каде што институциите соодветно одговориле на нашите препораки. Во други случаи најчесто имаме проблем пред сѐ со враќање на нашите дописи. Тука би го споменал Министерството за внатрешни работи. Дел од проблемите се однесува и на доставата на пошта. Имаме проблем и со пробивање на законските рокови од 60 дена, рок во кој мора да добиеме повратен одговор од институциите“, вели претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ.

И кај утврдените случаи, најголем дел од дискриминацијата е регистрирана во работните односи (52 отсто), по што следуваат, образование, пристап до услуги и медиуми.
Комисијата бара законски измени
Претседателот Томшиќ вели дека КСЗД во текот на 2025 година активно учествувала во подобрување на законската рамка, па до Собранието доставила иницијатива за измени на Законот за високо образование, иницијатива за измени на Законот за култура, закони според кои биле утврдени случаи на индиректна дискриминација.
Дополнително, Комисијата дала препорака до општините за решавање на проблемите со домување во супстандардни населби.
„Во 2025 година имавме една, ама вредна општа препорака, а се однесуваше на домувањето и пристап до инфрастуркутрата во неформалните живеалитша во кој предоминатно население се Ромите. Најчесто овие луѓе живеаат во приградски, неурбанизирани населби во кои нема соодветна инфраструктура. Би рекла дека иако, има дури и правосилни судски пресуди против општини за правото на пристап до вода во населбите каде што живеат Роми, тоа е последица на непреземањето на соодветни мерки во општините“, вели членката на КСЗД, Наташа Амдиу.
Активна улога и во судски постапки
Во текот на 2025 година, Комисијата учествувала и како акмус курае, познато како пријател на судот во три судски случаи поврзани со дискриминација по основ на политичка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.
„Во однос на институтот пријател на судот, КСЗД има поднесено три барања до надлежни судови. До Основниот граѓански суд Скопје, поднесовме барање да дејствува како пријател на судот во судската постапка по тужба за утврдување на дискриминација поднесена од партијата Левица против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Со тужбата се бара утврдување на директна дискриминација врз основа на политичка припадност во пристап до средства за платено политичко рекламирање. Другото барање до истиот суд, поднесовме во судската постапка поведена по тужба од Здружението КВИР центар Скопје, за утврдување на дискриминација и продолжено и повеќекратно вознемирување врз основ на пол, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група против физичко лице, а во однос на негови дејствија на социјални мрежи против група на лица, припадници на ЛГТБ+ заедницата. Во третиот случај КСЗД се вклучи како пријател на судот во судската постапка пред овој суд, поведена по тужба на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и физичко лице како оштетен. Тужбата е за утврдување на повеќекратна и продолжена директна дискриминација врз основ на припадност на маргинализирана група, а е поднесена против Министерство за здравство, а во врска со нееднаков третман на здравствена заштита помеѓу затвореници корисници на дрога и иста таква група на луѓе кои не се во затвор“, информира Амдиу.

Поради сето ова покрај постапките, Комисијата реализирала и бројни активности за превенција и тоа кампањи против дискриминација и насилство, обуки за институции, ученици и парламентарни асистенти, настани за правата на Ромите како и извештаи за интерсекциска дискриминација. Од КСЗД потенцираат дека особено значајна е работата на теми како родова еднаквост, права на маргинализирани групи и заштита на деца. Дополнително, Комисијата ја проширила соработката со институции и граѓански организации, потпишувајќи осум нови меморандуми за соработка.
Исто така, учествувала во меѓуресорски тела за човекови права, иницијативи за здравствено осигурување и проекти за спречување фемициди.






