среда, 4 февруари 2026

Екосвет: Природата мора да биде државен приоритет

Граѓанската организација Екосвест поддржана од 15 други организациии испратија официјално барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за итно донесување нов Закон за природата, предупредувајќи дека постојниот закон е застарен, нефункционален и не обезбедува реална заштита на природните богатства.

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото упатено до министерот Муамет Хоџа, организациите посочуваат дека Македонија со години дозволува уништување на реките, шумите, планините и биолошката разновидност поради слаби институции, политизирано управување и недоволни механизми за контрола.

„Природата постојано се жртвува на сметка на профитот и инфраструктурните проекти, а граѓаните се принудени сами да се борат против штетни интервенции бидејќи државата не обезбедува навремена заштита“, се наведува во иницијативата.

Една од клучните критики е што актуелниот Закон за заштита на природата не содржи јасни забрани за градежни активности, рударство и енергетски проекти во заштитените подрачја.

Според организациите, ова овозможува изградба на хидроцентрали, геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини токму во највредните природни подрачја.

Дополнителен проблем е што измените на законот предложени уште во 2018 година никогаш не биле усвоени, додека европското законодавство во меѓувреме значително напреднало.

Во писмото се посочува дека управувањето со националните паркови е силно политизирано, при што директорските позиции не се доделуваат според стручност.

Истовремено, институциите задолжени за заштита на природата се соочуваат со сериозен недостиг на биолози, еколози, хидролози и други експерти, а инспекцискиот надзор е слаб и недоволен.

Организациите бараат формирање независен Завод за заштита на природата, кој би вршел научна проценка, мониторинг и координација.

Друг сериозен проблем е хроничниот недостиг на финансии. Според иницијативата, заштитените подрачја немаат системско финансирање од државниот буџет, а управителите немаат капацитети за вистинска заштита.

„Поради тоа, многу подрачја остануваат само формално прогласени, без планови за управување и без реална заштита на терен“, се неведува во иницијативата.

Организациите предупредуваат дека биолошката разновидност во Македонија не е државен приоритет, недостасуваат систематизирани податоци и национални планови за заштита на клучни видови како мечката, рисот и волкот.

Дополнително, секторските политики во рударството, енергетиката и инфраструктурата директно ѝ штетат на природата, без соодветни стручни консултации.

Поради ова организациите испратија шест итни барања до Владата. Тие бараат итно донесување нов, современ Закон за природата, строги забрани за деструктивни активности во заштитени подрачја, формирање стручен Завод за заштита на природата, деполитизација и професионализација на управувањето со парковите и значително зголемување на буџетот за заштита на природата и национални акциски планови за заштита на загрозените видови.

„Секое одложување значи директно уназадување и трајно губење на природните ресурси од кои зависиме сите“, предупредуваат потписниците.

Иницијативата е предводена од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, а потпишана и од сацЦентар за климатски промени, Здружение за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик Скопје, Здружение на граѓани за промовирање на велосипедизмот Вело Училишта, Здружение за заштита на животната средина Еко Герила Преспа – Ресен, Здружение за значење на еколошкото образование во осовремунување на образовниот процес, ЗЕОООП, Здружение Рурална Коалиција Кичево, Здружение на инжинери за животна средина, Скопје, Здружение за истражување, застапување и лобирање на теми од област на животната средина Македонски зелен центар, Скопје, Регионален центар за шумарство и руралеен развој – РЕФОРД, Скопје, Здружение за едукација, поддршка и стимулирање на млади и жени во агропрехрхранбениот сектор, екологијата и биодиверзитетот Симбиоза линкести Битола, Здружение за развој, едукација и еколошка етика Полимет 13, Здружение Сакам да кажам Скопје, Натура МК Скопје и Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ