Според него, мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати, а цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат.
„На годишно ниво, во март 2025 година споредено со март 2024 година, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата, како што информира ресорното министерство, на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на бруто-профитна маржа на 102 групи на основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување на највисоки цени на 8 групи на основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
„Со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа во трговија на големо и мало на 102 групи на производи, или над 1000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени: 5 отсто бруто профитна маржа на основите осум прехранбени производи млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко), 10 отсто бруто профитна ,маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранби производи (месо и преработки од месо, шеќер,млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини), 15 отсто бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго“, се вели во соопштението.
Од Министерството за економија и труд потсетуваат дека замрзнати биле цените на осум групи основни прехранбени производи: млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
„Целта на овие мерки е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата“, се вели во соопштението.
И покрај оптимизмот на министерот за економија и труд за намалената инфланција во минатиот месец, трошоците на животот во март 2025 година, во однос на март лани, бележат зголемување од 2.7 %, а цените на мало раст од 2.2 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е помала за 1.3 %.
Намалувањето на инфлацијата во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 3.0 %, транспорт за 1.8 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.6 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.5 % и разновидни стоки и услуги за 0.3 %.
Во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: домување, вода, електрика, гас и други горива и облека и обувки за 0.4 %, ресторани и хотели за 0.3 %, комуникации и здравје за 0.2 % и рекреација и култура за 0.1 %.
Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.