Најголем дел од поплаките, како што изјави Мартина Грнчаровска од ОПМ пред почетокот на одбележувањето на 15 март, Светскиот ден на правата на потрошувачите, се за онлајн купување на облека и обувки особено од нелегални ејсбук страници, но во последно време и за онлајн купени технички апарати и бела техника за кои потрошувачите не добиваат гарантен лист и упатство за употреба.
Проблем е што купувачите добиваат технички производи кои се некаква копија на оригиналот која воопшто не може да се употреби.
-Потрошувачите во време на пандемија започнаа се повеќе да купуваат онлајн и да плаќаат онлајн и токму затоа и годинашната тема на Светската потрошувачка организација е „Фер дигитални финансии”. Тоа се поврзува со онлајн продажбата, бидејќи преку неа плаќаме онлајн со картички дали кај наш или кај странски трговец и доаѓа до злоупотреби. На овој начин потрошувачите се злоупотребуваат. Како што се зголемува онлајн продажбата така се зголемуваат и поплаките, рече Грнчаровска.
Купувачите, додаде, онлајн купуваат се од храна до облека, бела техника, продукти за домаќинство. Кај нас, како што кажа, во подем е нелегалната фејсбук продажба преку која секојдневно потрошувачите купуваат и се измамени од онлајн трговци, бидејќи не добиваат сметки и фактури.
Апелираме потрошувачите да внимаваат од каде купуваат и кога плаќаат со картички или во кеш бидејќи покрај тоа што може да добијат оштетен производ или производ каков што не нарачале воедно може да им биде злоупотребена нивната картичка и да им бидат земени средствата или да им бидат злоупотребени личните податоци. Затоа порачуваме многу да се внимава кога се купува онлајн и да се пази дали се купува од регистрирани или нерегистрирани трговци, посочи Грнчаровска.
Голем дел од потрошувачите од почетокот на годинава се жалеле и на високите сметки што ги добиваат за потрошена електрична енергија.
Имаше поплаки и за високите сметки на струја посебно по покачувањето на цената на електричната енергија. Дел од граѓаните сметаа дека премногу им е наплатено и дека не потрошиле колку што им е пресметано. Ги упативме до надлежните институции, да се обратат до ЕВН, да си ја прочитаат состојбата и да им кажат колку им е состојбата на нивниот мерен уред и доколку не успеат да го решат проблемот на тоа ниво да се обратат до Регулаторната комисија за енергетика и да реагираат таму за високите сметки, рече Татјана Тасевска од ОПМ.






