Во соопштението се вели дека за време на владата на „заевизмот“ драстично се зголемија цените на горивата, а причината за тоа се воведените акцизи и такси.
Пред година и половина литар дизел гориво чинеше 46 денари, а денес литар дизел надминува 75 денари со тенденција уште да расте. Дополнително, цената на литар бензин изнесуваше 50 денари, а сега цената надмина 84 денари. Овој раст на цените е од 65 до 70%. Практично со ваквиот раст на цените на горивата се удира директно по буџетот на граѓаните, но и на економијата. Цените на горивата кои се клучни за стандардот, растат, а на власта администрирана од Ковачевски око не ѝ трепнува“, велат од партијата и додаваат нудат конкретен предлог:
„Со предлог закон ќе побараме намалување на акцизите за горивата за моторни возила за 50%. Оваа мерка ќе влијае директно на намалување на цената на горивата, бензинот веднаш ќе се намали за 13 денари, а дизелот за 9,5 денари. Ова не значи само заштеда на семејствата, ова е заштеда и во транспортот во стопанството и тоа може да ги поевтини цените на конечните производи“.
Очекуваме владата на СДСМ и ДУИ да го прифатат овој предлог во пресрет на кризата која доаѓа зашто овие тешки времиња бараат одлучни чекори, а не беспредметни „вонредни” видео обраќања, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






