Според заклучоците од 11-та седница на Владата одржана на 8 февруари, акционерските друштва во државна сопственост кои остваруваат позитивни резултати во своето работење и располагаат со ликвидни средства, по претходно доставено барање за позајмици од АД ЕСМ во државна сопственост, се задолжуваат да ја разгледаат можноста за одобрување на позајмицата со рок на враќање од шест месеци. Целта на оваа владина мерка е да се обезбеди финансиска ликвидност поради одложеното плаќање на фактурите за испорачана електрична енергија.
Овие акцинерски друштва се задолжија и да ги ревидираат инвестициските планови и парите да ги уплатат во Буџетот за финансиска поддршка на АД ЕСМ.
Овие невообичаени мерки се резултат на доспеаните фактури од ЕВН Македонија (од 24 јануари) за испорачана електрична енергија во декември 2021 година и барањето за продолжување на рокот на доспевање на фактурите на ЕВН од 4 февруари за испорачана електрична енергија во јануари.
Во официјалното соопштение од оваа седница пишува: „Владата донесе одлуката за одобрување финансиски средства во износ од 2,9 милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.
Со оваа одлука се задолжува ЕСМ АД овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.
Владата одобри АД ЕСМ да ја спроведе постапката за продолжување на рокот на доспевање на фактурите за испорачана електрична енергија за декември 2021 година и за јануари 2022 година, од ЕВН АД до 01 јули 2022 година.
Владата го задолжи АД ЕСМ да склучи анекс на договорите со ЕВН со кој на дистрибутерот на електрична енергија ќе му се овозможи одложено плаќање на доспеаните фактури за декември 2021 и за јануари 2022 година, со соодветна гаранција во висина на износот на фактурите за кои се продолжува рокот на плаќање“.
A.Д.






