понеделник, 16 февруари 2026

Вината на винарија „Венец“ добија златен и сребрен медал на „Мундус Вини“ во Германија

Објавено на

часот

Сподели

Виното „Вранец Орле“ берба 2019 година го освои златото, а виното „Темјаника Кориjа“ берба 2021 година е закитено со сребрен метал, информираа од Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Овие награди значат промоција и афирмација на македонското вино кое според својот квалитет е на исто рамниште со големите светски производители. Виното, покрај економските придобивки на земјата, во себе носи и симболична вредност поврзана со традицијата и историјата што го прави и најдобар бренд амбасадор на земјата. Препознавајќи го овој потенцијал потребно е во производство на грозје и на вино во нашата земја многу повеќе да се инвестира и да се афирмира на надворешните пазари бидејќи има големо извозно трговско значење. Ако тоа се направи успехот е неминовен“, вели Кире Ристов, енолог и одговорно лице во винарија „Венец“.

Виното „Вранец Орле“ потекнува од истоимениот микролокалитет Орле каде се наоѓа и лозовиот насад на 600 м.н.в. Лозјето е старо повеќе од 22 години и се одликува со уникатен карактер кој го одликува тероарот на Дисанијата со  интензивна темно-црвена боја, овошен арома на зрели капини и сливи. Виното е одлежано 18 месеци во 228-литарски француски дабови буриња.

Виното „Темјаника Корија“ исто така потекнува од истоимениот микролокалитет Корија кој се наоѓа во атарот на селото Долни Дисан на 400 м.н.в. Лозовиот насад е стар повеќе од 17 години и го изразува уникатниот карактер на самиот тероар во Дисанијата за сортата Темјаника. Се одликува со светло-жолта боја, арома на свеж босилек и бозел и го прави вкусно и возбудливо за пиење .

Винаријата „Венец“ произведува вино од 1952 година и користи различни рачно изработени, рафинирани техники и со тоа создава традиција повеќе од 50 години за подготовка на вина, а во процесот на обработка посветува особено внимание. Вината на „Венец“ предизвикуваат пријатно искуство и ги оживуваат сетилата со подобрување на аромите и текстурите, притоа откривајќи го уникатното грозје. Компанијата минатата година доби признание за „Македонски квалитет“, кое го доделува Сојузот на стопански комори и Претседателот на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ