Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути кои сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Гувернерот посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање Славески порача и дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, кои претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.






