
По посетата на производствените капацитети на компаниите „Јука“ во Велес и „Ука Комерц“ во Сарај на заедничка прес конференција Лукаревска изјави дека мерката ќе се реализира преку УЈП со поднесување на пресметките за исплата на плата, а финансиската помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата ќе ја исплаќа Министерството за труд и социјална политика.
„Постапката е едноставна, односно работодавачот во месечната пресметка за интегрирана наплата за оние лица за коишто ќе бара обезбедување на финансиска помош од државата ги означува со посебна шифра на која што работиме во моментот во УЈП и благовремено ќе известиме за сите соодветни поединости“, рече Лукаревска.
Според неа, има рок од 30 дена по истекот на месецот за кој се бара исплатата на финансиската помош да се достават обработени податоците до Министерството за труд и социјална политика од каде што ќе се врши и исплаќањето.
„Финансиска помош за исплата на плата за разлика на придонесите на нето зголемената минимална плата ќе се исплати на оние работодавачи што ги исполнуваат следниве услови: работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработено лице со минимална плата, да има статус на активен обврзник односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или пак да биде во постапка на бришење, да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската помош“, објасни Лукаревска.






