„Ја продолжуваме нашата работа за реализација на ветените проекти и инвестиции во енергетската инфраструктура, затоа што нова и модернизирана преносна мрежа значи зголемен капацитет и доверливост на мрежата во источниот регион на државата, значи инвестирање во подобар животен стандард и развој на економијата“, изјави генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани.
„Инвестициите во преносната мрежа од ваков тип, значат спроведување на стратегиските цели за транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кон обновливи извори на енергија. Токму на овој далновод ќе се приклучи ВЕЦ ‘Богословец’ со инсталирана моќност од 36 MW. Ова е уште еден пример како во услови на енергетска, здравствена и светска криза, преку подобрување на електроепреносната инфраструктура, ги подобруваме условите за водење на бизнис во земјата“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Инвестицијата за изградбата на овој капитален инфраструктурен проект изнесува 1,41 милиони евра, во него АД МЕПСО вложи сопствени средства и истиот е поддржан со средства од заем на ЕБОР. Изведувач на работите за изградба на далноводот беше конзорциум на компаниите Кодар Енергомонтажа и Електроисток Изградња од Србија, а надзорот го вршеше домашната компанија ” Столб” од Битола, се вели во официјалното соопштение на МЕПСО.
Овој далновод е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа на АД МЕПСО што опфаќа реконструкција/изградба на вкупно шест 110 кV далноводи, од кои два се во целост завршени и пуштени во работа, а другите се во одредени фази од реализацијата. Со овој инвестициски циклус ќе бидат изградени над 130 километри далноводи и ќе се инвестираат над 15,7 милиони евра, дел од кредитната линија на ЕБОР и дел средства на АД МЕПСО, .






