понеделник, 29 декември 2025

Преговараме за усогласувања со минималната плата, вели Битиќи

Објавено на

часот

Сподели

„Успеавме да останеме солидарни и никој да не биде изоставен како и да ја задржиме стабилноста на нашата економија без да ги нарушиме нашите социјал-демократски вредности. Успеавме да ги задржиме нашите работници на своите работни места, како и да ја одржиме ликвидноста на компаниите, односно економијата што се потврдува со остварените приходи на крај на февруари кога беа за 14% повисоки од истиот период лани, а на крај на март беа 16,86% повисоки од минатата година. Овој тренд се задржува и во април месец“, рече Битиќи.

Потсетувајќи дека минималната плата е зголемена на 18 илјади денари, Битиќи рече дека платите во јавниот сектор ќе го следат ова покачување.

„Но ова истовремено мора и ќе значи и отворање на дијалогот и коренитите промени кои ќе носат продуктивност и ефикасност како и оптимизација на јавниот сектор. Токму поради тоа ги започнавме преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе го утврдиме усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата но истовремено ќе го отвориме прашањето и конечно и дефинитивно ќе воведеме реформи за рационализација и продуктивнос на јавниот сектор, затоа што секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална“, рече потпретседателот на СДСМ и нагласи дека тоа што е најважно во овој процес е да се добие системско решение, а не постојано да се реотвора прашањето и да се купуваат политички поени.

Битиќи оцени дека во изминатите 100 дена од владата на Ковачевски дијалогот дава резултати и потсети дека се дојде до  нова методологија за раст на пензиите.

„Растот на стандардот на живот, на активните учесници на пазарот на труд (работниците) ќе носи пораст и на пензиите, што ќе значи релаксирани златни години за нашите пензионери. Согласно оваа методологија, во септември следува рекорден раст на пензиите, при што следејќи ги актуелните економски движења, тоа покачување на пензиите би изнесувало околу шест отсто“, рече тој.

Битиќи од аспект на кризата на европскиот континент, како што рече, повеќе од било кога е потребно одговорно, солидарно и домаќинско работење и паметно користење и планирање на нашите ресурси.

При тоа, рече, не смееме да дозволиме да не мислиме на иднината.

„За прв пат земјава започнуваме со креирање на долгорочна Национална развојна стратегија која точно ќе ги мапира нашите потенцијали и ресурси кои ни се на располагање и ќе ги спои со нашите планови за развој во следните 20 години“, рече вицепремиерот и втор човек во СДСМ Фатмир Битиќи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ