четврток, 9 април 2026

Пошта на штрајкувачите им понуди од јуни зголемени плати за 3.000 денари

Објавено на

часот

Сподели

„Откако предлогот ќе биде доставен и официјално ќе биде разгледан од синдикалните одбори, ќе изготвиме спогодба и доколку се прифати понудата и се потпише спогодбата, штрајкот ќе биде прекинат“, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигданов на заедничка прес-конференција со членовите на УО и генералниот директор Јани Макрадули.

Главното барање на синдикатите е линерно зголемување на платите од 3.000 денари. Предлогот што го добиле е за тој износ преточен во бодови согласно со Колективниот договор на Македонска пошта.

„Да се исполнува нашето барање со компромис согласно финансиските можности“, рече Велигденов.

Генералниот директор Макрадули информира дека вработените ги почитуваат законските обврски за работа и испорака на пратките во услови на штрајк. Со оглед дека се почнати преговорите, како што рече, дневниците на вработените ќе им бидат исплатени.

„Овој процес го решивме без помагачи, туку сами внатре во рамки на компанијата. Управниот одбор свесен за ситуацијата на вработените и за економската ситуација, но се разбира свесни се и вработените и претставниците на синдикатите и мислам дека најдовме компромисно решение“, рече Макрадули.

Велигденов и Макрадули апелираа Собранието што поскоро да го изгласа измените на Законот за поштенски услуги, што според нив ќе помогне во целиот процес и ќе ја пролонгира либерализацијата на поштенскиот пазар, во делот на вршење на универзалната услуга. Тоа, посочи Велигданов, ќе даде простор за комплетно нова реорганизација и систематизација со што ќе се воведе професионализам и позиционирање на пазарот за поштенски услуги.

„Кога нема реален Закон за поштенски услуги во делот на либерализацијата бидејќи кај нас има квази либерализација, за фер пазар нас ни треба еден поинаков закон кој не зависи само од вработените, не зависи само од менаџментот на Поштата, туку зависи од повеќе институции“, оцени Макрадули.

Поштата е АД во државна сопственост, којашто, посочи, приходува сама, а Владата како акцинер помага, не само за плата, туку и за сметки за електрична енергија. Соопшти и дека ја исполниле законската обврска и во април не исплатиле плата под 18.000 денари, а иако немала обврска на сите пошторазнесувачи што се ангажирани со договор на 15.000 денари, им исплатила по 18.000 денари. Важно е, како што рече, и на 27 април да помине и тендерот за нови униформи.

Во коментар на информациите во јавноста дека во Пошта има 200 до 300 вработени кои не доаѓаат на работа, а земаат плата, Макрадули рече дека тоа не се дозволува и информира дека лани заради непостапување согласно со актите на друштвото 47 вработени го изгубиле работниот однос.

Дарко Димовски, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, оцени дека барањето за зголемување на платите за 3 000 денари е прифатливо и порача дека дијалогот е компромис, што во случајот е покачувањето да важи од 1 јуни за технолошките работници, а од 1 август за другите.

„Фер понуда која ќе ја разговараме на највисоките органи и тела за кој верувам дека ќе одговориме позитивно“, рече Димовски.

Тој воедно најави дека заедно со раководството на Поштата ќе изработат нов колективен договор и ќе ги систематизираат работните места. Со тоа, појасни, ќе избегнеме на фиктивните работници кои не доаѓаат на работа да им се исплаќаат плати.

Вработените во националната Пошта стапија во генерален штрајк изутринава. Тие се на работните места, но не испорачуваат услуги со исклучок на тие на кои се обврзани во услови на штрајк. Тоа подарзбира почитување на член 49 од Законот за поштенските услуги, согласно кој се должни да обезбедат прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенските пратки, што се користат во судски постапки, административни постапки, постапки во врска со прекршоци и препорачани поштенски пратки, пренос, сортирање и дистрибуција на препорачани поштенски пратки за потребите на одбраната и безбедноста, како и препорачани пратки и пратки со означена вредност што се собрани пред почетокот на штрајкот.

Во понудата на поштенскиот пазар во државава, покрај АД Пошта на Северна Македонија се и портфолијата на поштенски услуги на 42 приватни лиценцирани даватели на поштенски услуги.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ