четврток, 1 јануари 2026

По средбите со делегацијата на ММФ ќе биде финализиран ребалансот на Буџетот, изјави премиерот

Објавено на

часот

Сподели

„Посета од ММФ е дел од стандардните посети и таа ќе започне во текот на оваа недела и ќе трае до 3 мај. После тоа ќе биде финализиран ребалансот на Буџетот и ќе биде доставен до пратениците во Собранието на разгледување, на амандманска расправа и финално на пленарна седница за негово усвојување, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на финансирањето на дефицитот во ребалансот рече дека ќе се користи инструментот на ММФ бидејќи, како што кажа, во моментов еврообврзниците имаат повисока цена.

Премиерот нагласи дека наскоро министерот за финансии ќе излезе во јавноста и ќе ги соопшти точните бројки за тоа колку ќе треба да се задолжи државата.

„Во моментов Министерството за финансии ја заврши својата посета заедно со гувернерот на НБ на ММФ. Таму се разговараше за користење на инструмент од ММФ којшто е користен во 2011 година. Врз основа на одобрување на тој инструмент ќе се разговара и со ЕК за макрофинансиска поддршка. Веќе имаме обезбедено 100 милиони евра од ЕБРД за финансирање на потребите до крајот на годината за електрична енергија. Министерството за финансии работи на расходната страна на буџетот при што се претпоставува дека некаде околу 100 милиони евра ќе бидат заштедени во однос на оригиналните расходи предвидени во Буџетот за 2022 година. Министерот за финансии многу скоро ќе излезе со точни бројки колку ќе биде потребно за финансирање на целокупниот дефицит што беше предвиден за 2022 година и дополнителните расходи коишто се појавуваат заради војната во Украина и економската криза предвидена од неа. Во моментов се работи и на приходната страна на Буџетот со оглед на тоа дека имаме зголемени приходи визави очекувањата за 2022 година. Кога тоа ќе биде направено повторно ќе има посета од ММФ“, прецизира Ковачевски.

Според него, добро е што ММФ позитивно ја оцени макрофинансиската и економската стабилност на нашата економија која што се цени врз основа на перформансите на монетарната политика, фискалната политика и врз основа на перформансите на економијата во целост.

„Врз основа на тоа ММФ го одобрува инструментот за финансирање на државите, бидејќи доколку не е така тој инструмент не би бил одобрен. Одобрувањето на тој инструмент ја квалификува државата да може да аплицира во Европската комисија за макрофинансиска помош. Ова е значајно затоа што постојат различни извори на финансирање на буџетските дефицити“, рече Ковачевски и додаде дека кредитот од ЕБРД во износ од 100 милиони евра за енергетската стабилност во електроенергескиот систем е со каматна стапка од околу 1 процент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ