Од 21 јануари АД ЕСМ ќе го преземе управувањето со БЕГ и со Скопје Север со што ќе се спроведе владината одлука за решавање на проблемот со парното затоплување во главниот град. Владата пред два дена прогласи кризна состојба во делот на снабдување на топлинска енергија, со цел да се донесат мерки кои ќе се спроведат од страна на ЕСМ од 21 јануари.
На 14 јануари Вчадата одлучи БЕГ да го стави под еден вид на „принудна управа“ до крајот на грејната сезона, и преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија.
„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“, изјави Крешник Бектеши, министерот за економија.
Долговите што ги прават БЕГ и АД Скопје Север кон АД Те-то и Макпетрол за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да ги решат приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин. Во четврток најверојатно ќе има нов договор меѓу ЕСМ, БЕГ и Скопје Север.
Бектеши најавува и постапки во Обвинителството за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година и за обврските што ги има согласно дадената лиценца, „Во Буџетот се предвидени ставки да им излеземе во пресрет и во случај ако има дополнителна здравствена криза истовремено и економска енергетска криза. За тоа се предвидени речиси 100 милиони евра и дополнително 30 милиони евра во друга ставка од каде можат да се користат овие средства“, вели Бектеши.






