Како што изјавија Бочварски и Сабев по средбата, двата аеродрома ќе поддржат програма за стимулирање нови летови за авиолинијата Софија – Скопје да не трае само шест месеци како што било во периодот меѓу 2007 и 2009 година, а информираа и дека се водат разговори за воведување летови од Софија до Охрид и од Варна и Бургас до Скопје и до Охрид.
„Гледам дека имаме пријателски расположени најпрвин влади, министри, министерства, тур-оператори од двете земји. Гледам дека и граѓаните имаат можност и бараат да има подобро поврзување помеѓу двете земји до нашите туристички центри, но и до нашите главни градови. Од страна на тур-операторите дојдоа многу интересни предлози на состанокот и верувам дека во наредниот период тие предлози ќе се преточат кон конечна реализација за да може оваа мрежа на транспортот да конечно ја развиеме уште посилно и уште подобро во целиот Балкан“, рече Бочварски.
Според Сабев, сега зборот го имаат туроператорите.
„Уверени сме дека моделот што го создаваме треба да има економска смисла и за нас е голема радост да соопштиме за тристраната средба меѓу аеродромите на Скопје и Софија со сопственикот на компанијата ‘Гуливер‘. По оваа средба најавија дека постигнале договор двата аеродрома да поддржат програма за стимулирање на нови летови Софија – Скопје и нејзино продолжување. Сопственикот на ‘Гуливер‘ ќе го убедиме, тој кога ќе биде спремен ќе ги објави цените и како смета тој економски модел да биде прифатен од сите. Да му овозможиме тој да ги истакне овие прашања“, рече бугарскиот министер.
Не може, нагласи Сабев, да се зборува за подобар животен стандард ако нема добра економија. Според него, авиолинијата Софија – Скопје треба да даде можност на еден поголем пакет на многу бизнис активности кои ќе ни овозможат уште подобар економски стандард.
„Забележавме голем интерес од страна на македонските и бугарските тур-оператори. Од Бугарија дојдоа и најголемите инвеститори на туристичкиот бизнис. Видовме многу голем интерес дека ќе го користат тој мост помеѓу двете министерства за транспорт така што ќе ги побараат новите можности. Ние зборуваме да се овозможат подобри економски услови луѓето во Бугарија и во Македонија да добијат многу подобри понуди за да патуваат бргу, лесно и пријатно. И после тоа да ги информираат своите соседи и пријатели“, напомена Сабев.
Бочварски подвлече дека воспоставувањето на летот Софија – Скопје е потврда за заложбата на двете страни веднаш да има конкретни резултати од соработката.
„Сакам да ги убедем граѓаните од двете земји дека ги отвораме вратите слободно да патуваат од Северна Македонија во Бугарија, да ги користат поволностите и да направиме повеќе можност за туризам, економија, културна и спопртска размена со што ќе успееме како две пријателски држави да им покажеме и на регионот и на Европа како треба да соработуваме“, рече Бочварски и најави дека туроператорите и воздухопловните власти од двете земји ќе продолжат со соработка за да ги отворат и идните, трети дестинации кои би се формирале со линијата Софија – Скопје.
Според него, најважно е што се покажа дека е возможно она за кое со години се зборуваше дека е невозможно.






