
Министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека веќе се при крај сите анализи што ги врши Секторот за трговија во рамките на Министерството за економија во соработка со другите економски ресори во Владата за евентуално продолжување на мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти што важат до крајот на месецов.
Со одлука на Владата од 5 декември минатата година замрзнати се цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенинините со цените што ги имале на 1 декември 2021 година.
„Оваа и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбените производи кои се наведени во одлуката за замрзнување за да најдеме начин да нема зголемување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи во трговијата на мало и на големо. Во делот на производите што ги произведуваме дома ќе може да се интервенира со замрзнување на цените, но забележавме дека генерално има поголемо зголемување на цените на тие производи кои се увезуваат во нашата држава и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на ограничување на трговската маржа“, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Според него, ние сме можеби единствената држава, посебно во регионот, која во време на пандемијата донесе вакви одлуки за замрзнување на цените, а сега и повторува одредени одлуки. Ова наше искуство, како што рече, го преземаат и други држави од регионот.
„Ако се вратиме назад во времето кога беше објавено дека целосно ќе има затворање на одредени сектори ние такви одлуки носевме како Влада, дополнително имавме и други начини и можности како да им помогнеме на граѓаните со цел да ја подигнеме потрошувачката и да влијаеме на намалување на нивните трошоци и да не влијаеме негативно на животниот стандард. Веќе од декември се применува мерката за замрзнување на цените и е во сила до крајот на февруари. Во текот на оваа недела со економските ресори и со сите чинители, посебно во делот на производителите на овие основни производи, ќе имаме дискусии и најверојатно согласно првичните информации кои ги има Секторот за трговија ќе одиме со опцијата на одредување на маржи, имајќи во предвид дека согласно нашите анализи на таков начин нема да има ценовни шокови за основните прехранбени производи“, изјави Бектеши.
Владата ги замрзна цените на основните прехранбени продукти на почетокот на декември 2021 до крајот на јануари 2022, а потоа мерката ја продолжи и до крајот на февруари.






