вторник, 17 февруари 2026

Очекувајте деновиве исплата на десет отсто отштета, им порача Николовски на овоштарите од Росоман

Објавено на

часот

Сподели

Заедно со градоначалникот Стојан Николов, претставници на Министерството и институциите од земјоделскиот сектор, Николовски имаше средба со производителите на праски.

„Првата информација која од овде ја пренесуваме е одлуката на Владата на една од последните седници – да бидат обесштетени овоштарите, производителите на праски кои претрпеа сериозни штети во 2021 година. Сите елаборати на Општина Росоман се доставени до Владата, владината државна Комисија ги проследи и донесена е одлука за исплата на 10 проценти обесштетување. Министерството за финансии се очекува овие денови да ги префрли средствата на општината, а општината на земјоделските производители”, информираше министерот.

Тој соопшти дека 729 земјоделски производители од Росоман кои имаат штети од измрзнувањето во 2021 година, ќе добијат околу 33 милиони денари или 550 илјади евра.

„Овие исплати ќе бидат веднаш, нема да се чека, парите се обезбедени во буџетот и секако ќе бидат од помош за новото земјоделско производство. Покрај обесштетувањето за Росоман, во Владата е и обесштетувањето за сите пет општини каде што елаборатите се подготвени, тоа се Карбинци, Ранковце, Демир Капија и Богданци, вклучително со Росоман тоа се околу 450 милиони денари коишто ќе бидат исплатени за обесштетување во овој поглед, односно штетите се во износ од 450 милиони денари, а околу 45 милиони денари ќе бидат исплатени веднаш на сметките на земјоделците”, нагласи Николовски.

Како што рече, ова е прва година во која се  воведуваат промени на субвенционирањето. Тоа ќе важи приоритетно за овоштарите кои ќе добијат 30-процентна авансна исплата покрај редовните субвенции.

„Верувам дека ова е дополнителна поддршка во делот на зголемувањето на приходите на земјоделците. Секако Владата и Министерството преземаат мерки, сѐ со цел да бидат намалени или ублажени ценовните шокови, односно растот на репроматеријалите и на сето она што е потребно за земјоделското производство. Затоа и Владата донесе посебна програма за Интервентен фонд, кадешто се  соодветни мерки. Оваа прилика во Росоман ја искористивме да разговараме за дополнителни мерки, идеи и предлози од страна на производителите на праска.”, рече Николовски. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ