„Македонците повторно ќе можат да летаат од Скопје до Билунд, Бремен, Рим-Чампино, Турку и Векше и од Охрид до Фридрихсхафен и Меминген. Дополнително, Визер (Wizz Air) ќе почне со работа на две нови линии – Охрид-Лондон Лутон и Скопје-Малта. Овие рути се надополнуваат на постоечките од аеродромите во Северна Македонија до популарните дестинации. Така, македонските патници ќе можат да ги користат овие евтини услуги на Визер до некои од највозбудливите градови во Европа“, соопшти „Визер“.
Авиолиниите Охрид – Фридрихсхафен и Охрид – Мемингем почнуваат од 28 март, а од тој датум ќе се лета и на рутата Скопје-Билунд. За Охрид-Лондон Лутон, Скопје-Рим Чампино и Скопје – Турку, како стартен датум е ставен 21 март, а 23 мај за Скопје-Бремен, Скопје-Малта и Скопје-Векше. Местата за повторно отворените рути се веќе достапни онлајн и преку мобилната апликација.
За дополнителна сигурност, „Визер“ им препорачува на патниците да додадат „Виз флекс“ на нивната резервација за дополнителна заштита. Со тоа патниците може да изберат да патуваат на друг датум или до друга дестинација, како и да имаат можност да го откажат својот лет до 3 часа пред полетувањето, без никаков надоместок и да добијат 100 % од оригиналната цена на билетот веднаш вратени како кредити на авиокомпанијата.






