понеделник, 15 декември 2025

Ниту еден од основните производи нема да има ДДВ поголем од пет отсто, тврди министерот Бектеши

Ниту еден од производите со гарантирана цена нема да има ДДВ поголем од пет отсто, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, цената на овие основни прехранбени производи може да биде само дополнително намалена, но никако и зголемена. А премиерот Димитар Ковачевски тврди дека маркетите ја почитуваат мерката и дека некои од производите се намалени до 40 отсто.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата  „Македонска економија-довербата расте“, и покрај предвиденото зголемување на ДДВ-то „нема шанси да порасне инфлацијата во делот на храната“.

Тој сѐ уште во целост не ја погледнал листата на производи за кои се најавува зголемување на данокот на додадена вредност, но доколку се утврди дека со неа се опфатени и некои од основните прехранбени производи со гарантирана цена, тоа, потенцира, ќе биде веднаш корегирано.  

„Им гарантирам на граѓаните дека ако во листата на производите со зголемено ДДВ има технички грешки направени од вработените во Министерството за финансии, тоа утре ќе биде ревидирано. Во однос на другите производи, тоа е одлука на Министерството за финансии и ќе имаме можност дополнително да ја разгледуваме. Јас утрово разгледав одредени производи од листата, во текот на денот ќе ја прочитам целата и ако има потреба, утре на владина седница, како Министерство за економија ќе го кажеме нашиот став“, подвлече Бектеши.  

На прв поглед, дополни, двете одлуки, за „гарантирана цена“ и за зголемен ДДВ можеби се контрадикторни, но, како што потсети, листата на производи со замрзната цена е направена врз основа на анализи и факти. 

Според него, има простор за дополнително намалување на цената на основните прехранбени производи до крајот на ноември и декември и тоа, најави, ќе се случи.  

„Основните прехранбени производи опфатени со одлуката за гарантирана цена ќе бидат само намалени. Нема опција тие да бидат поскапени“, нагласи министерот.  

Во врска со одлуката за овошјето и зеленчукот, потсети дека е изменета. 

„Тука нема целосно замрзнување зашто ги укинавме царинските давачки и за јужното овошје и за други земјоделски производи. Затоа, да бидеме внимателни кога правиме споредби“, рече Бектеши.  

Министерот е уверен дека во однос на инфлацијата ќе биде надминато она што го вети Владата до крајот на годината. Во континуитет, секој месец, ќе има, како што напомена, намалување на инфлацијата, посебно во делот на храната.

А премиерот Димитар Ковачевски тврди дека маркетите ја почитуваат мерката и дека некои од производите се намалени до 40 отсто.

„Мерките што се однесуваат на гарантираната цена се почитуваат во маркетите без никаква селективност и веќе гледаме дека има намалување на цените на основни прехранбени производи од 10 до 30 и 40 проценти. Тоа се млекото, месото, производи од делот на зеленчукот, овошјето и тоа може да се види“, истакна премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата „Македонска економија-довербата расте“.

Македонија има најголема листа на производи, вкупно 1 600, со повластена стапка од пет отсто во регионот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. 

Според него, производите кои се сметаат за луксузни и оние што не се сметаат за основни во најголем дел од домаќинствата, а дел од нив и не се толку здрави, како чипсот, се со повластена стапка од 10 отсто. Тоа, оцени Ковачевски, е фер пристап.

Точно е, дополни Ковачевски, дека постои разлика од откупните до малопродажните цени, но затоа беа донесени мерките за гарантирана цена и за намалување на увозните царински давачки за одредени артикли. 

„Целата листа на производи беше објавена пред подолго време на интернет страницата на Министерството за финансии и секој можеше да ја види и коментира, беа консултирани и компании од различни сектори и оттука сметам дека имаме фер и добро решение кое на крај покажува дека имаме намалување на трошоците за живот во сите области. Тоа знам дека не е лесно, знам дека сме во време на економска криза во цела Европа, но затоа имавме зголемување на минималната и просечната плата, како и на пензиите. Пред нас повторно има период, првиот квартал идната година, на зголемување на минималната плата што секако ќе влијае и на просечната плата, дефинирани се методологии за зголемување на пензиите и на минималната плата. Имаме многу предвидлива економска политика која дава позитивни резултати, а тоа го покажуваат и статистичките показатели“, потенцира премиерот.

Целта што ја постави Владата за пет отсто инфлација до крајот на годината, е остварлива, рече, и ќе биде направена, а инфлацијата и трошоците за живот имаат надолен тренд. 

Како што оцени Ковачевски, нема никакво зголемување на ДДВ-то, а и во однос на овој данок, земјава има најниска стапка во однос на другите во регионот.

Тој не се согласува со констатацијата дека државата ги зголемува даноците. 

„Многу убаво објаснив дека државата ги намалува даноците зашто имаме најголема листа на производи со повластена даночна стапка, се она што се користи секојдневно во домаќинствата. Инфлација во Европа постои, но дека се прават мерки што ги намалуваат цените, тоа не може никој да го негира“, рече Ковачевски.

Премиерот потсети и дека е во финална изработка закон за спречување нефер трговски практики во кој се регулира целиот ланец на продажба, од производител, преку големопродавач до малопродавач, што може и што не може да се вгради во финалната цена, а се регулираат и сите маржи.

Одредени продукти не треба да имаат повластена даночна стапка, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој вели дека предвиденото зголемување на ДДВ кај одредени производи е дел од среднорочниот план за даночна реформа. 

Како што оцени Битиќи, одредени продукти не треба да имаат повластена даночна стапка, а средствата што се собираат од зголемениот данок ќе одат за сервисирање на социјалните потреби на граѓаните.

„Тоа е дел од среднорочен план за даночна реформа. Ниту една даночна реформа не може денеска да ја дефинирате и да кажете кој е ефектот, затоа на среден план и на долг рок тоа е нужно да се направи. Одредени продукти мора да се знае дека не треба да имаат повластена даночна стапка. Тоа се средства кои на крај завршуваат кај нашите граѓани за да се сервисираат социјалните потреби на граѓаните, тоа не се средства што се прибираат за да завршат во друг систем, во ‘белата палата’ или на друго место“, истакна Битиќи, одговорајќи на новинарско прашање колку државата ќе заработи од покачувањето на ДДВ.

Не би можел да кажам, додаде, колку средства се тоа.

„Зависи колкава ќе биде потрошувачката на тие одредени производи. Но, листата на прозводи со повластена даночна стапка е една од најголемите во регионот. Не можам јас да кажам и да ја земам улогата да дефинирам што треба да биде привилегирана стапка од 10 или пет отсто, тоа се коморите и граѓаните преку здруженија на потрошувачи кои соодветно треба да реагираат. Ако бебешката храна останала, може да се направи исправка, но евентуални технички грешки не треба да го загрозат целиот напор за даночни реформи“, истакна Битиќи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ