Министерот рече дека преку Законот за земјоделство и рурален развој се воведува нова програма која ќе значи градинките, училиштата, армијата, полицијата да се снабдуваат со домашни производи со цел да се помогне пласманот на вишокот земјоделски производи.
Николовски рече дека времето е кризно и дека ниту една обработлива површина „не смее и нема да остане незасадена“.
Затоа, како што нагласи, во владина постапка влегува објавата на нов јавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, односно наменски оглас за земјиште наменето за производство на пченица, пченка, јачмен, сончоглед и добиточна храна.
Ќе продолжи, додаде Николовски, и поддршката за есенска сеидба со дополнителни мерки – дополнителна поддршка за ѓубре за есенска сеидба, поддршка за „зелена нафта”, како и поддршка за користење сертифициран семенски материјал.
Министерот за земјоделство рече и дека има и нови мерки за поддршка на сточарите:
„Обезбедена е интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми. Се воведува и нова интервентна субвенција во висина од 60 денари по несилка која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца“.






