„Количините гас што се потребни за нашата држава се обезбедени од страна на компаниите кои вршат дистрибуција на гас. Нема простор за грижа“, изјави владиниот портпарол Муамед Хоџа на прес-конференција во Владата.
Во однос на владината одлука да ја укине забраната за извоз на масло за јадење, портпаролот Душко Арсовски посочи дека со ваквата одлука нема да се наруши снабдувањето со овој производ на домашниот пазар.
„Нема недостиг на масло за јадење. Напротив, цело време, врз основа на она што го велеа производителите, има доволно залихи во магацините. Независно од тоа, Владата презеде чекори за дополнително да го осигура пазарот. Во ситуација кога имаме доволно за нас, нема пречка да се помогне на државите кои имаат недостиг на рафинирано масло. Токму затоа на последната седница, Владата ја укина мерката за забрана за извоз со што овозможува на производителите да ги реализираат претходно склучените договори,а во истовреме да излеземе во пресрет како во случлајот со Албанија“, рече Арсовски.






