Во соопштението од компанијата се наведува дека имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок.
„Ваквите мерки, кои што регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постојната малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и ‘Макпетрол’ сериозно ја разгледува”, велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија.
„Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво”, се вели во соопштението.






