Според министерот за економија Крешник Бектеши, владината одлука ја има главната цел да се оневозможат штети на домашниот пазар и нарушување на понудата со неопходните производи за граѓаните.
Министерот за земјоделство Љупчо НИколовски најави дека во вторник во Белград ќе се сретне со српскиот министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ. Тој очекува уште една потврда дека Србија ќе ги испорача во земјава потребните количини пченка и пченица за домашните мелничари.
„Се надевам дека ќе ја договориме динамиката за испорака на потребните количини жито. Верувам дека вторпат ќе биде потврдена поддршката и солидарноста од српска страна. Претседателот Вучиќ потврди, а разговарав и со министерот Недимовиќ“, изјави вчера Николовски.
Тој рече дека годинава се засеани 75 000 хектари пченица или 3 000 хектари повеќе од лани, но сепак би недостасувале уште најмалку 45.000 тони. Покрај тоа, рече дека целото производстсво не е со соодветен квалитет.
„На среден рок со планираните мерки ќе имаме зголемено производство на пченица од 30.000 тони, а на долг рок ќе бидеме увозно независни. Се предвидува и проширување на Програмата за интервентен фонд со нови мерки, со цел да се опфатат и другите земјоделски сектори на кои им е потребна помош во оваа светска криза. Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава. Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна“, истакна министерот.
Од ВМРО-ДПМНЕ ѝ порачаа на Владата да ги откупи сите земјоделски производи и да ги подели во основните и средните училишта.
„Наместо да троши нерационално, Владата да ги откупи сите земјоделски производи и да ги подели во средните и основните училишта. На тој начин, и учениците ќе добијат здрав и бесплатен оброк, а ќе им се помогне и на земјоделците родот да не биде фрлен. Имаат доволно пари во Буџетот ако рационално го трошат, нека го откупат целокупното земјоделско производство и нека го поделат во средните и основните школи, ем учениците да добијат здрав и бесплатен оброк, ем земјоделците да не треба родот да го фрлат, ем да заработат нешто“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во телевизиско гостување.
Инаку, од четвртокот, дел од основните прехранбени производи се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Во супермаркетите има масло за јадење и брашно, а цените се сега пониски во однос на изминатите недели.






