„Во рамки на министерската конференција во Берлин со министерот за земјоделство на Република Бугарија Иван Иванов е договорено да се обезбеди пченица од Бугарија за Северна Македонија“, рече Арсовски и додаде дека во однос на увозот на пченица од Република Србија, ресорните министри од двете држави, рече, се во постојана комуникација.
„Со оглед дека во Република Србија имаше избори, очекуваме деновиве српската Влада да ја укине забраната за Северна Македонија за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење. На состанокот што неодамна го имаше министерот Николовски со потпретседателот на српската Влада Недимовиќ, договорено е испораката на договорените количини меѓу економските партнери од двете земји да бидат реализирани. Овие количини се обезбедуваат за да се одржи стабилноста на пазарот до почетокот на жетвата“, подвлече портпаролот на Владата.
Инаку, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски доцна синоќа на својот фејсбук профил соопшти дека е договорен увоз на пченица и од Бугарија.






