Според Мојсовска, со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемување на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.
„Со остварување право на боледување и породилно отсуство ќе се овозможи и ние земјоделките и земјоделците да бидеме еднакви како сите граѓани во државата. Засега сме обесправени и ова е голема дискриминација за нас, истакна Мојсовска на настанот по повод презентацијата на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци.
Таа пред министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и пред министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека жените од руралните средини се уште се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
„Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Според официјалната статистика, во просек 45 отсто од вкупниот број вработени во државата се вработени во руралните средини. Од нив 19 проценти се самовработени, а 12 отсто е неплатен семеен труд. Високиот процент на рурални жени кои не се активни на пазарот на труд произлегува од нивниот ангажман во домот, како што е: грижа за деца, грижа за постари лица и други домашни обврски кои претставуваат неплатена работа и покрај тоа што активно работат на поле и се активно вклучени во земјоделството. Дури и кога работниот труд на жената е платен, тие заработуваат само 33 проценти од она што го заработуваат мажите во истиот сектор“, посочи Мојсовска.
Изнаоѓањето правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување за руралните жени, е проблем, рече, што се нагласува со години.
„Отвораме една тема, еден проблем кој со години се нагласува и сите сме свесни дека треба да се реши, но никој досега не покажа интерес и волја тоа да го стори. Националната федерација на фармери е благодарна на Министерството за труд и на матичното Министерство за земјоделство што го почнуваат и подржуваат овој процес за изнаоѓање правен механизам за остварување на правото на надоместок за отсуство поради болест или повреда и право на надоместок за отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство“, потенцира претседателката на Федерацијата.
Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци е подготвена од НФФ во рамки на активностите поврзани со родовата еднаквост во руралните средини, поддржани од Шведската организација за развој We Effect, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Пред презентацијата на Анализата, воведни обраќања имаа и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Тренчевска оцени дека прашањето за фундаменталното право на родителско отстуство и боледување за регистрираните земјоделки е исклучително важно за заеднички да се иницираат решенија во насока на почитување на принципите на владеење на правото, еднаквост, недискриминација и остварување на концептот на социјална правда, а Николовски порача дека целта на политиките е руралната жена да биде почитувана и силна.






