„Трите илјади денари директна финансиска помош за речиси 330 илјади пензионери од по 1.000 денари со мартовската, априлската и пензијата во мај, ќе се исплаќаат од Пензискиот фонд кој е во добра кондиција“, рече премиерот.
Тој информира дека минатата недела преку отворен дијалог со пензионерите е договорен континуиран раст на пензиите, а со тоа и на нивниот животен стандард и квалитетот на живот. Според него, прифатен е моделот предложен од Сојузот на здруженија на пензионерите како нова методологија за континуиран раст на пензиите.
„Она што го ветивме низ дијалогот со пензионерите го реализираме во најбрз можен рок и ќе почне да се применува со септемвриската пензија. За тоа говорат и делата, а денеска слушнав и други конструктивни предлози кои се од интерес на пензионерите и ќе бидат разгледани со ресорните министерства“, рече Ковачевски по средбата.
Новата методологија, како што кажа, ќе овозможи пораст на пензиите и во наредните години без никакви влијанија.
„Соработката со Сојузот на здруженија на пензионерите и со сите релевантни општествени чинители за нас како Влада е од голема важност, бидејќи заедно во консултации со нив ги носиме одлуките. Таквите одлуки секогаш се многу подобри отколку кога се носат еднострано“, потенцира Ковачевски.
Тој информира дека во иднина, во март и во септември ќе се прави ново усогласување на пензиите зашто Државниот завод за статистика тогаш ги обвјавува официјалните податоци за растот на просечната плата и додаде дека Владата веднаш ќе почне се примена на новата метода, а пензионерите своите покачени пензии ќе ги добијат од септември годинава.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите Трајкова рече дека имале можност директно од премиерот да им биде објаснета новата методологија за усогласување на пензиите и дека од него побараа да бидат решени повеќе прашања и проблеми со кои се соочуваат лицата од третото доба од доменот на здравственото осигурување, социјалното домување, пензионерските и старечките домови.
„Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија речиси една година даваше свои предлози да се промени формулата за усогласување на пензиите и после две работни средби епилогот е позитивен – пензиите како системско и законско решение ќе се усогласуваат два пати во годината и тоа со 50 отсто од порастот на платите на сите вработени и со 50 отсто од порастот на трошоците на животот“, истакна Трајкова.
Нагласи дека новото методолошко решение ќе биде преточено во закон што, како што рече, ќе претставува правна сигурност за корисниците на пензија.
„Тоа значи дека за пензиите нема да се одлучува со акт на било која влада, туку со закон кој нуди здраво и непристрасно решение“, рече Трајкова.






