Премиерот Ковачевски најави дека во текот на денешниот ден ќе се одржат состаноци на Економскиот совет на Владата, а потоа и состанок со Социјално-економскиот совет, со кои лично тој ќе претседава и на кои се очекува низ дијалог на Владата, заедно со синдикатите и со работодавачите, да се изнајде прифатливо решение за зголемување на минималната плата за сите страни.
Тој додаде дека платите треба постојано да растат, вклучително и минималната, и дека тоа секако ќе се постигне низ дијалог на социјалните партнери Владата, синдикатите и работодавачите.
Инаку, тој за време на посетата на Трговско индустриската и развојна зона (ТИРЗ) во Штип бил информиран дека согласно анализите на Дирекцијата на ТИРЗ, по 2017 година во фабриките во постојан пораст се и бројот на вработени и платите на вработените.
„Во периодот 2010 – 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесувала 21.700 денари, додека во периодот 2017 – 2020 година нето платите во просек достигнуваат 28.686 денари. Дополнително, просечниот број на вработени во ТИРЗ зголемен е повеќе од двојно. Во 2016 година регистрирани се 6.282 вработени, а во 2020, 12. 963 вработени во капацитетите изградени во зоните“, се вели во владината информација.






