Компанијата од струмичкото село Дабиле, која се занимава со откуп на овошје и зелечук и го поседува брендот Мамас, на 21 април добила исплата од 86.608.249 денари. Оваа сума следува како учество во инвестициски проект и е втора најголема дадена како грант во историјата на земјоделскиот фонд откако се работи со ИПАРД-програми.
„Финансиската поддршка за корисникот ДПОЗ Тргопродукт ДООЕЛ изнесува 86.608.249 денари за набавка на опрема за прием, обработка и преработка на земјоделски производи и опрема за полнење, затворање, пастеризација, пакување и етикетирање на производи, односно 75% ЕУ учество во износ од 64.956.187 денари и 25% национално учество во износ од 21.652.062 денари“, се вели во објаснувањето на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Агенцијата за поддршка на земјоделство и рурален развој парите ги исплаќа откако ќе заврши инвестицијата, со која не смее да се започне пред да биде постигнат договорот.






