понеделник, 6 април 2026

Комитет за финансиска стабилност: И курсот на денарот и финансискиот систем се стабилни

Објавено на

часот

Сподели

Комитетот, како што стои во соопштението од Народна банка, заклучи дека сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат и натаму, во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори, пак, координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност која е приоритет.

На седницата со која претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, беше посочено дека од самиот почеток на руско-украинскиот конфликт, состојбите внимателно се следат и континуирано се оценуваат, а бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој е тешко да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија.

„Она што е извесно е дека досега поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки“, се наведува во соопштението.

Според Ангеловска-Бежоска, девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.

„За време на корона-кризата банкарскиот сектор покажа дека умее да амортизира ризици, и кога тие се нови и дотогаш невидени, и по размер и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да одговори на барањата на граѓаните и корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително зајакнати во овој период“, изјави таа.

Потврда за соодветните политики, како што рече, е одлуката на ЕК, со која се оценува дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ, што го исполнуваат само уште 26 земји во светот.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, изјави дека изминатите светски економски кризи – глобалната финансиска криза и економската криза предизвикана од пандемијата, нѐ научија дека здравиот финансиски систем може да абсорбира дел од надворешните шокови.

„Фискалната политика ќе биде поставена така, да преку соодветни мерки и политики се амортизираат ударите кои ќе доаѓаат однадвор за домашната економија и за стандардот на граѓаните. Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и стопанството да ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет на антикризни мерки, кој Владата набрзо ќе го презентира“, најави Бесими.

Осврнувајќи се на состојбите на македонскиот пазар на капитал по ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците кои се наметнаа, претседателката на КХВ, Нора Алити, нагласи дека генерално тие доведоа до првични негативни рефлексии врз тргувањето на берзата, проследено со еднократен пад од 8.39% на МБИ 10  на берзанскиот ден, кога започнаа воените дејствија, се до нормализирано и вообичаено тргување, без драматичен предзнак. Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4% во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34%). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека за време на здравствено-енергетската криза и актуелните геополитички случувања, капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Како резултат на новонастанатата состојба, МАПАС внимателно го следи и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики со цел остварување на највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.

Претседателот на АСО, Шајноски посочи  дека осигурителниот пазар во 2021 година регистрирал значаен раст од 15%.

„Тоа што е уште побитно е што  друштвата за осигурување располагаат со капитал кој е 4 пати повисок од потребниот износ на маргина на солвентност, што ја потврдува високата солвентност на пазарните субјекти. Развојот на настаните во Украина не се рефлектираат неповолно врз осигурителниот пазар, затоа што во поглед на управувањето со ризици, ниту на страната на обврските ниту на страната на средствата  сме изложени директно на ризици од Украина“, кажа Шајноски.

На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со натамошно координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ