Во пакетот мерки, ниту една не се однесува како помош за трговците со нафта и нафтени деривати, освен најавеното намалување на маржата за 33 проценти, односно од 4,5 на три денари, што е најниска стапка од осамостојувањето на Македонија.
„Во целиот изминат двегодишен период на траење на ковид кризата, компаниите од секторот за снабдување нафта и нафтени деривати не ги користеа владините мерки за поддршка кои се носеа за деловните субјекти. Своето работење тие го организираат континуирано и непречено и во неизвесни економски услови и затоа нивното размислување е дека сега не е момент да се креираат мерки со кои ќе се обременува нивното работење“, велат од Стопанската комора.
Намалувањето на маржата на толку ниско ниво ќе ги принуди снабдувачите да работат со уште поголема загуба. Нивната работа не е опфатена во новиот пакет владини мерки, а тие и за време на ковид-кризата не користеле државна помош, па се поставува прашањето кој ќе ги покрие нивните милионски загуби.
Во врска со ова, Регулаторната комисија за енергетика, која цените ги одредува според однапред утврдена методологија, побара разбирање.
„Имаме реакции од сите трговци. Бараме од нив разбирање додека не влезат во сила мерките од Владата и тогаш би требало да им ја вратиме маржата во нормала“, велат од РКЕ.
На ваквиот став реагираат од Стопанската комора.
„Нејасно е зошто рокот за враќање на маржата не е ставен во правилникот. Во еден момент регулаторот вели дека маржите ќе се променат кога ќе се променат законите, а од друга страна дека, сепак, ќе зависи од цената на светските берзи. На овој начин се влева недоверба кај трговците кои набавката на дериватите ја финансираат со сопствени средства“, укажуваат од Комората.
Од Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи од источниот дел на Македонија велат дека оваа мерка ќе ги принуди да ги затворат бензинските станици во источниот дел на државата. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета, велат од здружението.
Според дел од трговците со нафта и нафтени деривати со кои што разговаравме, одлуката за намалување на маржата можеби делува соодветно во теорија и дефинитивно може да донесе некој политички поен. Сепак, снабдувачите подвлекуваат дека оваа мерка не се базира ниту на пазарната, ни на основната економска логика, ако се знае дека набавната цена на горивата веќе извесно време е поголема од таа што на нив им се наметнува како малопродажна цена.
Тие велат дека ова несомнено уште повеќе ќе им ги зголеми загубите. Ако се знае дека горивото е енергенс што трговците со свои средства, без никаква државна помош, го набавуваат на слободниот глобален пазар, се отвора дилемата како тие би го покриле минусот којшто дури и на краток рок би можел да ги принуди да престанат да се занимаваат со оваа дејност.
Владината мерка за замрзнување на маржата за трговците на мало и големо на прехранбените продукти траеше само неколку дена, откако трговците детално им ги објаснија на владините функционери сите апсурди предизвикани со ваквата непромислена мерка.
А.Д.






