
Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност.
Фалсификуваната банкнота може многу лесно да се препознае доколку се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата. Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење.
Особено впечатлива е имитацијата на заштитниот конец, којшто е вметнат помеѓу двата слоја хартијата со видливи засеци и со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите. Но, доколку се набљудува малку повнимателно јасно ќе се воочи дека е имитиран.

Исто така, фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат. Водениот печат кај овој тип фалсификат е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина.

Сите информации поврзани со заштитните карактеристики на банкнотите со апоенска вредност од 2.000 денари ги има во видеопрезентацијата на веб-страницата на Народната банка.
Од Народна банка додаваат дека доколку некој забележи фалсификувана банкнота, треба да се обрати до банките или до МВР, коишто понатаму ќе постапат во согласност со своите надлежности.






