Министерот Нуредини на прес-конференција изјави дека во дел од маркетите кои порано бесплатно давале кеси, побарувачката е намалена и до 10 пати, а за четири пати е намалена во маркетите кои ги наплаќале по денар или два.
По два месеца од примената на законското решение со кое е ограничена употребата на кестите, според министерот, оценето е дека во првиот месец од продажбата на кесите по 15 денари за парче се собрани околу 240 илјади евра со кои е можно да се купат контејнери за селектирање на конзерви и пластика.
„Потребно е време за навикнување и прилагодување и очекуваме подобри резултати, но позитивно е дека се зголеми употребата на платнени торби, како и нивната продажба. Планираме програма за инвестирање на средствата кои се добиени од продажбата на биоразградливите кеси, а целта е секој граѓанин да стане свесен за важноста на системот за селекција на отпад. Ќе дадеме почетен импулс на локалната самоуправа и на колективните постапувачи кои имаат обврска со новите закони да воспостават инфраструктура за селекција на отпад за граѓаните, посебно во заштитените подрачја“, рече Нуредини.

Министерот рече дека ќе се засилат контролите во маркетите и рече дека не е дозволена употреба на пластични кеси подебели од 15 микрони за носење стоки, без разлика дали се со рачки или без рачки и додаде дека таквите кеси мора да се плаќаат по 15 денари.
Кесите потенки од 15 микрони, посочи, се за хигиенска употреба и може да се користат за пакување месо за што маркетите плаќаат.
„Во контакт сме со Пазарниот инспекторат за да има построги контроли за имплементирање на законите. Контролите ќе ги започнеме во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на кеси. Еден голем маркет лани во ноември пред воведувањето на забраната бесплатно делел по 800 илјади кеси, а по воведувањето во декември продал 103 илјади. Друг голем маркет во кој се плаќале кесите месечно продавал по 709 илјади, а сега продава само 147 илјади кеси по 15 денари“, рече министерот за животна средина и додаде дека во декември се собрани 240 илјади евра од продажбата на биоразградливи кеси.






