Таа рече дека со контролите биле опфатени даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.
Директорката Лукаревска информира дека и покрај укажувањата имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, месото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.
„Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдија кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалоци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници. Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа неиздавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност. Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето“, изјави Лукаревска.

Таа додаде дека неправилности имало и кај шест продажни објекти во Струмица, Кавадарци, Гостивар и Ресен. Во Неготино неправилно работење е утврдено кај три од вкупно 17 исконтролирани трговци, додека во продажни места од Штип, Гевгелија, Кичево, Велес и Валандово непочитување на одредби од законот е утврдено кај едно продажно место.
Со контролите, кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна и млечни и месни производи во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдена, потенцира директорката на УЈП, неусогласеност на даночната стапка за месо и други производи.
На територијата на Регионалната дирекција Скопје, од 136 извршени контроли, во 13 се утврдени неправилности, на Регионална дирекција Битола од 120 контроли, во 41 има утврдено неправилност, на Прилеп од 93 контроли, 22 се со утврдена неправилност, на териотијата на Регионална дирекција Струмица од 85 контроли, 10 се со неправилност, на Регионална дирекција Тетовоод 78 контроли, 26 се со утврдена неправилност, додека на Регионалната дирекција Штип од 99 само две со утврдена неправилност.
Лукаревска порача дека мора да проработи свеста кај трговците и да не заработуваат на грбот на граѓаните, но и ги предупреди да не им се закануваат на вработените дека тие ќе ги сносат казните за работата што самите требале да ја завршат.






