– Исклучително сме среќни што ја прославуваме првата годишнина од отворањето на хотелот, која и покрај сите предизвици се покажа како успешна. Ова беше тешка година, не само за нас, туку и за целиот угостителски и туристички сектор. Презедовме голем ризик отворајќи го хотелот во пандемска година кога патувањата и настаните беа ограничени. Сепак, како што велат, среќата ги следи храбрите.
Целиот тим работеше паметно и напорно за да го постигне ова. Беше предизвик да се привлечат гости, но и да се обезбеди тие да се чувствуваат безбедно и сигурно во нашиот хотел, имајќи ги предвид сите мерки наметнати од ситуацијата со Ковид-19. Се истакнавме во сите области на нашите услуги и не само што привлековме гости, туку и се погриживме да се вратат повторно во нашиот хотел или да одржат дополнителни настани. Драго ни е што нашата понуда беше привлечна, а нивото на услуги извонредно. Во комбинација со прекрасниот нов ентериер, централната локација и професионалниот и квалификуван персонал, направивме сè како што треба за да го обезбедиме максимумот во вакви предизвикувачки околности. Со задоволство можам да кажам дека ги надминавме сите очекувања.
Колку гости досега го посетиле хотелот и каков е нивниот профил? Дали се побројни туристите или пак луѓето од светот на бизнисот?
– Во текот на првата година имавме многу гости во хотелот и организиравме бројни настани. Профилот на гостите е разновиден, имаме и туристи и деловни посетители. Воспоставивме и долгорочна соработка со домашни организации и компании за нивните деловни и работни потреби и со тоа постигнавме високи стапки на искористеност на капацитетите на хотелот.

Ова беше победнички микс што ни овозможи максимално да го искористиме капацитетот. Нашата намера не беше да го профилираме хотелот како место за деловни гости, иако мислевме дека во текот на оваа прва година ќе се потпреме токму на деловните гости, поради фактот што луѓето, во услови на пандемија тежнееја да го одложат или избегнат туристичкото патување. Ставајќи голем акцент на безбедноста на нашите гости, преку примена на строги мерки против ковид-19, како и внимателно планирајќи ја содржината на нашата понуда, успеавме да привлечеме гости кои како дел од туристички и конгресни патувања ги посетија Скопје и земјата.
Кој дел (сегмент) од хотелот досега бележи најголем број посетители, а кој според вашите сознанија остава највпечатливи импресии кај гостите?
– Очигледно имаме голем број гости кои присуствуваат на настани организирани во хотелот, но и такви кои престојуваат во него. Сепак, нашиот спа-центар е дефинитивно сегментот кој не само што привлекува гости и посетители, туку остава и впечатоци за паметење. Посетителите ги плени уникатната турска бања, дизајнирана на традиционален начин и со оригинални материјали донесени од Турција, како и бали-масажата, која е нашата најбарана масажа. Вработените во спа- центарот кои ги даваат овие услуги се од Бали и гарантираат автентично искуство.
Какви се вашите очекувања за работата на хотелот во следниот период, особено откако со работа ќе започне новиот трговски центар Дајмон мол и откако ќе биде целосно завршен мултифункционалниот комплекс Дајмонд?
– Овие елементи сигурно ќе му додадат вредност на нашиот хотел и ќе обезбедат дополнителни предности за посетителите на хотелот. Постои синергија помеѓу различните компоненти кои го сочинуваат мултифункционалниот комплекс Дајмонд. Нашите гости ќе имаат придобивки од овие дополнителни содржини, исто како и станарите и бизнисите сместени во трговскиот центар и во деловните капацитети, кои пак ќе имаат придобивки од близината на хотелот и услугите што ги нудиме. Нестрпливи сме да видиме како овие односи понатаму ќе се развиваат и да ги искористиме многуте можности што ќе се отворат, бидејќи овој проект ќе ги направи скопјани горди и задоволни.

Што уште може да понуди хотел Лимак?
– Ќе имаме многу изненадувања за нашите гости, а прво е отворањето на Скај барот (Sky Lounge). Досега овој дел од хотелот се користеше само за специјални настани. Скај барот ќе го отвори својот прекрасен поглед за гостите кои сакаат да уживаат во пијалок или во некој од нашите специјалитети кои се дел од нашето специјално мени. Барот ќе биде отворен за надворешни посетители со посебни забавни содржини и музички изведби во живо.






