„Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и што поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел“, порача бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО.
Според БТА, Караџов рекол дека очекуваат одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара.
Од македонското Министерство за транспорт соопштија дека македонската Влада е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8. „На барање на Бугарија за постигнување договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, веднаш било формирано работно тело во кое се министрите за транспорт, Александар Николоски, за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски“.
Но, досега двете работни групи не се состанале ниту еднаш. Бугарската страна ја откажала и претходно закажаната средба на директорите на двете железнички компании.
На почетокот на март бугарските медиуми јавија дека проектот за пругата кон Македонија бил стопиран поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти.
Македонскиот министер за транспорт и врски Александар Николовски на 14 март оцени дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е „политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8“.
Македонската Влада минатиот месец ги известила и Европската Комисија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и секретаријатот на Транспортната заедница дека „се загрижени во однос на информациите изнесени во бугарската јавност, а во кои стои дека поради немање на финанисиски средства, Република Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија – Радомир – Перник, како дел од Коридор 8“.
Тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.
Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени се 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.