Испораката на природен гас не е прекината, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по информациите дека руски „Газпром” ја прекинала испораката на гас кон Бугарија и Полска.
На прес-конференција, Бектеши рече дека сите обврски од наша страна се подмирени и дека и денес има увоз на природен гас во земјава.
„Сепак, ситуацијата е комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена во наредните денови. Државата има соодветни алтернативи“, уверува Бектеши.
На новинарско прашање дали може да се случи преку Бугарија на Македонија да не ѝ се испорача гас од Русија, Бектеши рече дека тоа е одлично прашање и одговори:
„Бугарија не смее да направи прекин на испорака на гас за Македонија, зашто преносната мрежа мора да функционира. Ние имаме количини кои се определени за Македонија. А тоа значи, ако Русија не донесе одлука за прекин на испорака на гас за Македонија, предвидените количини преку Бугарија мора да ни бидат испорачани“.
Бектеши најави дека следната недела во Софија ќе се одржи состанок на сите министри од регионот за да се презентираат потребите на државата и да има континуирано снабдување со енергенси.
Министерот рече дека најголема потрошувачка на гас во земјава има во земските месеци кога гасот се користи за производство на топлинска енергија.






