„Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или со другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ниту 120 милиони евра“, истакна Бектеши.
Тој објасни дека без воведување на кризната состојба немаше да може да се создадат поволни услови за менаџирање на кризата.
„Во однос на последната одлука одвоени се некаде околу 50 милиони евра, имајќи предвид дека производната цена на електричната енергија на ЕСМ е некаде околу 61 евро. Во моментов увезуваме и јаглен, а после 12 години со одлука на Владата по предлог на Министерството за економија, ја ставивме во функција ТЕЦ Неготино. Под берзански цени работи ТЕ-ТО. На берза моментално цената е 240 евра по мегават час, додека ТЕ-ТО ја продава на државата за 190 евра, со што ќе заштедиме 50 евра по мегават час како држава. Ова не можевме да го направиме без да објавиме кризна состојба во делот на енергетиката и топлинската енергија“, изјави министерот Бектеши.
Тој потенцира дека државата ги субвенционира и им помага само на државните компании, како што се прави секаде во Европа, и нагласи дека ЕСМ е во 100 – процентна владина сопственост.
Бектеши наведе дека се работи на измена на правилникот со кој ќе се зголеми можноста домаќинствата на своите покриви да инвестираат во дополнителни капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори до шест киловати, што ќе претставува 50 отсто зголемување на моќноста од сега дозволените четири киловати, а дополнително за компаниите, наместо сега дозволените 20 киловати, ќе се овозможи на своите покриви да постават фотоволтаици со капацитет до 60 киловати.






