„Северна Македонија е мала земја, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок. Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема конкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Гаспром“, рече Бектеши во обраќањето.
На состанокот на министрите на земјите од регионот со претставници од Европската Унија беше беше формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас откако Гаспром прекина да ја снабдува Бугарија. Оваа платформа ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан.
Новата регионална платформа во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија. Софиската платформа ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот.






