Во интервјуто за економскиот магазин „Економија и бизнис“ по повод 100 годишнината од Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, претседателот на Комората потенцира дека е создадена комора на иднината, можеби не со пет ѕвезди, но со онолку колку што е потребно за да бидеме во служба и на бизнисот и на државата.
„Кадровскиот капацитет на Комората денеска е многу голем, најголем во државата, и во поширока и во потесна смисла. Во поширока смисла во нашите компании има најголем број доктори на наука, магистри, инженери, економисти, правници, научни работници и слично. Во потесна смисла, во апаратот на Комората на толку мал број луѓе 50-ина, има таква концентрација на добар кадар што процентуално е во врвот на нашата држава. Јас во овие 17 години не ја сменив зградата, го сменив кадарот, луѓето во неа и така ја создадов Комората на иднината. Најмногу се гордеам со институциите што сум ги изградил од нула, а денеска имаат признато место во бизнисот како што се ГС1 Македонија, организација за доделување и управување со бар кодовите за нумерирање на артикли, Македонското кредитно биро, Советот за странски инвестиции, Македонската енергетска асоцијација, Комората на сегашноста која функционира веќе 17 години, Комората на иднината, регионалната бизнис асоцијација во Западен Балкан – Коморскиот инвестиционен форум и многу други проекти кои се во тек“, вели Азески
Преку ставањето во функција на четири нови Совети за развој на високото образование и за истражувања, за унапредување на индустриското производство и извозот, унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и за напредни технологии при Стопанската комора на Северна Македонија, одговоривме на барањето на компаниите во Комората да препознаат силен партнер. Тие четири треба да изградат нови институции, институтот за извоз, школа за бизнис лидери, клуб на извозници, клуб на старт ап компании, модули за поддршка на мали и средни претпријатија, берза на труд, преквалификации, вмрежувања, едукација, како и организирање на меѓународни конференции, кои ги имплементираат современите трендови и практики на дејствување, во брзо и динамично општество.






