„Претпријатијата даватели на водни услуги нема да бидат во можност да обезбедат континуитет во давањето на водните услуги, со што, имајќи ја предвид постоечката криза и значењето за водата за животот и здравјето на населението и формирањето на сите други субјекти, може да го доведе во опасност целокупното функционирање на државата“, рече на прес-конференција Иван Иванов претседател на Управниот одбор на АДКОМ.
Доколку не се преземат мерки, Иванов апелира дека ќе бидат принудени да спроведат рестрикции во потрошувачката на електрична енергија, што ќе значи исклучување од работа на пречистилните станици за отпадни води како најголеми потрошувачи.
Директорот Иванов нагласи дека правото на здрава и квалитетна вода за пиење и чиста животна средина е уставно загарантирано право, но дека, како што нагласи, за жал и покрај секојдневните укажувања надлежните не ја разбираат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат јавните комунални претпријатија.
Здружението АДКОМ, бара итна средба со Министерството за транспорт и врски бидејќи со раскинување на договорите со моменталните снабдувачи на електрична енергија, се очекува зголемување на енергија на слободен пазар, при што јавните комунални претпријатија ќе работат само за да ја платат сметката за струја.
„Бараме и итно враќање во собраниска процедура на законот со којшто се врши отпис на камати и репрограмирање на долгови што ЈКП ги имаат спрема државните институции, вклучувајќи и долгови што ќе настанат во период додека трае енергетската криза. Со оваа мерка ќе се олесни работата и претпријатијата ќе се ослободат од блокадите што ги имаат, но ќе успее и исплатата на покачената плата“, рече Иванов.






